Со хеликоптери и бродови на крајбрежната стража се спроведува потрага по двајца Македонци кои денеска исчезнале во морските води на плажат Мити во местото Посиди на првиот крај Касандра на Халкидики во Грција. Грчките медиуми пишуваат дека исчезнале двајца млади луѓе кои имаат 28 односно 30 години a кои биле однесени од морските струи откако скокнале во морето во текот на роденденска забава на едниот од нив. Со нив во вода скокнало и уште едно момче на возраст од 25 години и кое, исто така, било во опасност но, за среќа, било спасено од еден сурфер.
Грчкиот весник „Прототема“ пишува дека во спасувачката акција на првиот крак на Халкидики учествуваат брод на крајбрежната служба, еден рибарски чамец и хеликоптер на военото воздухопловство.
-Роденденската забава се претворила во кошмар за тројцата туристи кои се забавувале на плажата, кога решиле да се приближат до многу опасен дел од брегот и да се нурнат во морето, наведува овој весник.
Крајбрежната стража била информирана од капачи кои виделе како тројцата млади момчиња биле однесени од морската струја. Момчето што било извлечено од водата веднаш било префрлено во болница. Грчка телевизија Алфа објави снимка како момчето влегува во возилото на брза помош. Во ова подрачје дува силен ветер.
-Локалните жители го знаат ова место и го избегнуваат, но не и некои од туристите, изјавија мештаните за грчките медиуми. Жителите наведуваат дека поради северозападните ветрови капачите не можеле да пливаат назад до брегот
Анастасија Чалкија, градоначалничката на првиот крак, изјави за грчките медиуми дека местото е премногу опасно и затоа локалното население никогаш не оди таму.
-Имаше многу бранови и ветер и во тој момент се спојуваат струите на двете мориња и тоа е многу опасно. Штом се стемни тешко е да се продолжи со потрагата, рече Чалкија.
Од вчера големо невреме ја зафати Грција, при што обилни дождови проследени со силен ветер беснеат низ целата земја и посебно во приморските области.
Фото: Принскрин, ТВ Алфа