Јузова се огради од сопствените изјави дека Чешка не била консултирана за францускиот предлог

Оградување од сопствените изјави дека Чешка не била консултирана околу францускиот предлог за кревање на бугарското вето направи попладнево чешката аналитичарка Јана Јузова од чешкиот Институт „Еуропеум“. Таа на социјална мрежа Твитер информираше дека нејзините ставови изнесени на вчерашниот форум во организација на Институтот за европска политика од Скопје не се официјален став на Прага.

– Сакам да разјаснам дека моите коментари беа темелени на моето долгорочно истражување и мислење како аналитичар на политики кој го следи проширувањето на ЕУ и чешката надворешна политика и тие коментари во никој случај не ја претставуваат официјалната политика на Чешка, напиша Јузова на „Твитер“.

Јузова беше онлајн учесник на форумот на ЕПИ, а во своето обраќање рече дека Чешка и земји-членки се вознемирени поради францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со Македонија.

– Според она што го слушнавме од чешкото МНР тие се многу вознемирени од Франција и Бугарија, а причината е што за предлогот не биле консултирани други земји-членки. Била консултирана само Бугарија, а останатите земји биле оставени во темнина, рече Јузова.

Претходна вестНа Халкидики голема потрага по двајца млади Македонци кои исчезнале во морето по роденденската забава
Следна вестСончево со умерена облачност