Градоначалникот на Скопјe и кандидат за уште еден мандат Петре Шилегов соопшти дека денеска е објавен тендерот за реализација на Бас Рапид Tранзит системот.
-Со ова правиме крупен чекор напред кон изведба на современ, еколошки, брз и ефикасен јавен превоз. За само четири години, успеавме да го реализираме 40 години стариот сон на скопјани за трамвај, обезбедувајќи систем подобар од трамвајот согласно условите кои ги овозможува денешното Скопје, рече Шилегов на прес-конференцијата која се одржа на нецели два дена пред завршувањето на кампањата.
Шилегов објасни дека на решението работеле најреномираните експерти од нашите универзитети во Скопје и Битола, Белград, Лондон и Брисел и дека во рамките на ЕБРД, овој проект е заведен како зелен проект и се финансира во рамките на мрежата на зелени градови, каде Скопје е член од 2019 година.
Тој денеска зборуваше и за деталите од проектот – опфаќа воспоставување две линии со коридори кои се резервирани само за автобусите од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде со должина од 12,81 километри во една насока, ќе има 21 автобуска постојка и 2 терминали, во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче. Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65 000 на ден.
Со имплементација на првата фаза, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се преполови, односно времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути. Автобуси ќе има на секои 3 до 4 минути по примерот на метро превозот. Бидејќи БРТ функционира во посебна траса, независна и непречена од другиот сообраќај, превозот е исклучително точен и навремен како и самиот метро превоз. Патниците точно ќе знаат во која минута пристигнува автобусот и во која минута од часот стигаат на посакуваната дестинација. Автобусите ќе бидат со хибриден погон на гас и електрична енергија и со должина од 18 метри.