На кого што му треба: Мицкоски повика на обединување на опозицијата, Заев на единство во партијата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати повик до Левица и сите опозициски партии, но и до владините кои се во коалиција со СДСМ кои се незадоволни, да му се придружат за формирање мнозинство во Собранието и советите низ општините.

– Изборите покажаа дека има сериозно антивладино расположение и незадоволство, а опозициските гласови и нивната заедничка цел е промена на власта и нова иднина за Македонија. Затоа повикувам на здружена опозиција, заеднички до цел за подобра иднина. Секое единствено нè носи поблиску да ја победиме оваа власт, рече Мицкоски по денешната средба со претставниците на партиите од коалицијата „Обнова на Македонија“.

Тој ги повика и граѓаните на помасовна излезност за уривање на власта.

Во меѓувреме, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев им пиша писмо на сопартијците.

Трудот е наш, заеднички, на сите, но денес е јасно дека промените не се доволни, дека тие треба да се случуваат многу побрзо и поквалитетно и дека нашата борба не е завршена, вели Заев во писмото упатено до членовите на партијата по повод резултатите од првиот круг од локалните избори.

– Граѓаните во првиот круг на овие избори ни пратија јасна порака и ние таа порака мораме да ја слушнеме, да ја разбереме и да постапуваме по неа. Народот не е за ВМРО-ДПМНЕ. Но, во исто време народот сака многу подобар резултат и многу повисок интензитет на промени реализирани од СДСМ. Ние тоа и можеме и мораме да го испорачаме. Сите ние, секој од нас. Заедно….Во спротивно, режимот тропа на вратите. И веќе успеа да влезе во некои од општините…Затоа, ве повикувам на обединување! Сега е време за обединување затоа што од другата страна се истите насилници и криминалци кои ја уништуваа нашата земја со години. СДСМ греши, но учи и се поправа. ВМРО-ДПМНЕ е партија на своеволие и узурпација на сè државно за свои интереси. И тука има голема разлика. Сега е време за борба, за уважување на гласот на секого и за обединување. А, ние сме борци, ние сме отворени луѓе и отворена партија и знаеме и да слушаме, и да постапуваме, и да се менуваме, пишува Заев, во писмото кое го завршува со: „Борбата продолжува, ваш Зоран Заев“.

 

Претходна вестОктомвриските пензии доаѓаат пет дена порано – кој како сака нека си толкува
Следна вестНикој досега не доставил забелешки на гласањето или на причните резултати од првиот круг