Пратениците полека се подготвуваат за заминување од парламентот. Им привршува мандатот. Колку работеа и што сработеа ќе им кажат граѓаните на избори.
Парламентарното мнозинство пак решило да остави добар впечаток сега на крајот. Па така за денеска се закажани продолженија за дури 5 пленарни седници. За дел од законите и предлозите на овие седници е завршена расправата и треба само да се гласа.
Останати на дневен на 140-та пленарна седница, меѓу другите, се измени на Законот за судска служба, на Законот за јавнообвинителска служба, двата по скратена постапка, Предлог на закон за борба со допингот во спортот и негово спречување, по скратена постапка и измени и дополнување на Законот за академија за судии и јавни обвинители, по скратена постапка. Пратениците треба да се изјаснат и за Предлог на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за регионална гасификација, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Акционерското друштво за вршење на енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост, Предлог на закон за реализација на Стратешкиот инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“ и Договор за стратешки инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“, Предлог на закон за реализација на стратешкиот инвестиционен проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ, Предлог на закон за реализација на стратешкиот инвестиционен проект МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје и Предлог на закон за реализација на стратешкиот инвестиционен проект соларна електрична централа – Пехчево, сите по скратена постапка.
Што по овие точки ќе одлучат пратениците останува да се види. Јавноста и експертите силно пратија порака дека не треба да се брза со носење одлука за гасната централа во Скопје која власта наметнува дека треба да ја прави грчка компанија.
Инаку, на останатите седници на дневен ред се Предлог на закон за стручно усовршување и обука на административните службеници, Предлог на закон за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација, Предлог на закон за административни службеници, Предлог на закон за вработените во јавниот сектор, сите по скратена постапка, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка, измени и дополнувања на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, по скратена постапка…