На осомничениот за двојно убиство Љупчо Палевски му е одреден привремен затвор во траење од 40 дена во „Затворена казнено -поправна установа Беликесир“ во овој труски град, соопшти денеска македонското Министерство за правда. Дописот е добиен од Републичкото Јавно Обвинителство Беликесир- Турција,
Од Правда велат дека ова се прави согласно Законот 6706 член 14 , со цел да се обезбеди екстрадиција на лицето во наведената земја ( РСМ), согласно член 16 од Европската конвенција за екстрадиција на криминалци.
Истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски почна на почетокот на овој месец и во неа, покрај Палевски, кој е осомничен за кривичните дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“, за соизвршителство се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје.
Во притвор се и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, и Стефан Димковски, возачот кој го возел од Србија до Турција првоосомничениот Палевски.