На Македонија и треба претседател кој e достоинствен пред странци, кој е…

Претседателот треба да е личност која ќе обединува и ќе се залага за доброто на народот, со почит кон меѓународната заедница, но со цврст став и во интерес на нашиот народ, мудро и интелигентно, вели Гордана Тодоровска

За неколку недели Македонија треба да добие нов претседател кој ќе неси важни одлуки за државата во наредниве години. За тоа место претендираат 7 кандидати, кои ги поминале филтите на партиите. Но каков е филтерот на македонскиот граѓанин кој треба да гласа на изборите? Се разбира, гласачите својата доверба ќе ја дадат на оние чиишто карактеристики најмногу се вклопуваат во нивните размислувања за тоа какви особини треба да има претседател на држава.

-Треба да е самостоен и успешен во работата која ја вршел претходно, а мора да има достоинство, ова е најкраткиот сублимат на она што граѓаните (кои ги анкетиравме) го посакуваат како квалитет што треба да го има претседателот на Македонија.   

Граѓаните укажуваат каков профил на личност треба да застане на чело на државата – чесен, докажан во струката, принципиелен, кој знае да обединува, достоинствен, кој секогаш прво предвид ги зема потребите на народот, кој не слугува на партиите, кој нзае да каже и „не“ на странци кога треба…

-Претседателот треба да е изградена личност со искуство во политиката, економијата, меѓународните односи, омилена кај народот, личност со интегритет и цврст став, кој не се плаши да си го каже ставот. Треба да е и патриот кој ќе ги почитува и останатите етникуми, да гради соживот. Тој треба да е личност која ќе обединува и ќе се залага за доброто на народот, со почит кон меѓународната заедница, но со цврст став и во интерес на нашиот народ, мудро и интелигентно. Кон Владата треба да е непопустлив ако таа прави погрешни потези. И, да не толерира мафијашко однесување и неразумност, вели Гордана Тодоровска.

Во изминативе години Македонија поминуваше низ тешки фази во кои и беа нанесени силни удари. На повидок се слични ситуации во кои идниот претседател треба многу поосмислено да реагира на странски барања и уценувања. Тие предизвици бараат обединетост на сите сили во македонското општество, но и решителност и цврстина на шефот на државата пред наметнатите проблеми. До сега пречесто наместо обединување и достоинство гледавме поделби, а се водеше и политика на попуштање, на прифаќање на недостоинствени барања на странци.

-Ако само малку повеќе се почитува ставот на мнозинството од народот, секој од предложените кандидати би бил добар претседател. Но, дали сите се подготвени да го прашаат народот е дилемата, ни прокоментира друг соговорник,

Достоинство и принципиелен однос од идниот шеф на државата очекува Миодраг Црничин.

-Претседател би требало да обединува. Не треба да е попустлив кон барањата на меѓународната заедница. Меѓутоа, повеќето политички партии се фатени и окупирани од странските финансиски моќници кои форсираат свои интерес, а со македонските интереси се пазарат и плаќаат туѓи сметки. Претседателот треба да ги следи одлуките на Владата. Но, има право да кажува свое мислење и да не отстапува од него Ако до толку е доблесен и не сака да трпи лоши одлуки нека поднесе оставка, смета овој граѓанин.

Кој од кандидатите за шефот на државата ќе се вклопи во овие и слични очекувања на граѓаните ќе покажат изборите. Само треба пред гласањето добро да се размисли.

ОД ИДНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ СЕ ОЧЕКУВА ДА Е: 

– Обединител на населението  

– Достоинствен пред странци

– Не е послушник на Владата и партијата

– Уважува мислење на мнозинството

– Не толерира криминал

Претходна вестВремето денес сончево со мала до умерена облачност, температурата до 28 степени
Следна вестЗапален билборд на претседателскиот кандидат Таравари ноќеска во Скопје