На митингот на Коалицијата за европска иднина во Скопје Ковачевски порача дека изборот е меѓу европска иднина и изолација

На овие избори не одлучуваме само која партија ќе ја води државата во наредните четири години туку и избираме помеѓу надеж за подобро утре и нема откажување од Европската Унија од една страна и безнадежност, изолацијаи рампа на патот кон Брисел од друга страна, порача претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на денешниот митинг во Скопје, на Коалицијата за европска иднина.

Тој рече дека многу е важно кому граѓаните ќе му го дадат глас и правото да ја води државата во наредните четири години.

-Јас сум свесен дека таа одлука не е лесна. Но, запомнете, на 8-ми мај изборот нема да биде само помеѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. На 8-ми мај, а и во првиот круг од претседателските избори сега во среда, одлучуваме помеѓу надеж за подобра и просперитетна иднина во ЕУ и безнадежност, очај и враќање во мрачните времиња кога со Македонија царуваше менторот на Мицкоски – Никола Груевски, рече Ковачевски.

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски се осврна и на меѓуетничките односи, истакнувајќи дека од независноста на земјата досега, тие се најстабилни. Според него, оваа политичка гарнитура знае дека освен евро-атлантските интеграции, соживотот е еден од двата клучни фактори за напредок на земјата. Но и за ова прашање, додаде тој, опозицијата не води сметка.

-Пред секои избори, како по правило, бараат 61 пратеник за наводно да не биле условувани од Албанците, а, пред некој ден повикаа на формирање на семакедонски патриотски фронт, исто како во времето на режимот, не водејќи сметка дека етничката хомогенизација во мултиетничка држава како нашата е рецепт за дестабилизација, потенцираше Пендаровски.

Во тој контекст Пендаровски се осврна и на неодамнешната изјава на Силјановска во која вели дека ќе направи нов граѓански Устав, а притоа, како што подвлече Пендаровски, не објасни дали во него ќе има место за Македонците.

-Најнова идеја промовирана во кампањата им е предлогот за носење на целосно нов граѓански устав за кој опозиционата партија до сега се нема произнесено зошто ни е тоа потребно и дали таквиот устав може да го наруши концептот воспоставен со Рамковниот договор, рече Пендаровски.

Претходна вестПочинат маж пронајден пред објект во Хиподром
Следна вестВремето денес сончево со умерена облачност, кон крајот на денот локални врнежи од дожд