На парламентарни избори само партиски листи, добро ли е за демократијата да исчезнат независните кандидати?

Без независни и само со партиски листи на кандидати за пратеници ќе бидат гласачките ливчиња за претстојните парламентарни избори. Ниту една независна листа нема да учествува на откако не успеале да соберат потписи. До Државната изборна комисија беше поднесена иницијатива за кандидирање на независни пратениците во ИЕ 1 со 20-тина имиња од страна на Ана Бобинкова Мијаковска, но потребните 1000 потписи не беа собрани.

Независната кандидатура е се поретка на парламентарните избори. Најмногу независни листи биле пријавени на изборите во 2002 година –дури 5. На изборите во 2006 и 2008 година имало по две листи од група избрачи. Од изборите од 2011 година наваму пет изборни циклуси пак, на гласачкото ливче нема независна листа.

Ова е сосема спротивно од локалните избори пред две години кога од независни листи беа избрани дури 33 советници во локалните совети низ земјава.

Но, со новите измени во Изборниот законик за следните избори уште потешко ќе биде независните кандидати и кандидатски листи да ја добијат поддршката од граѓаните. Големите партии во Собранието минатата недела, изгласаа од наредните избори, прагот од досегашните 1.000 потписи да се зголеми на 1 отсто од запишаните избирачи во конкретната изборна единица за кои се поднесува иницијативата.

Десетина невладини организации вчера соопштија дека промените во Изборниот законик се изгласани на подмолен начин.

-На подмолен начин, без консултации и јавна расправа, по скратена постапка и спротивно на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, најголемите политички партии под изговор дека им помагаат на граѓаните без валидни документи, донесоа дополнителни скриени измени на Изборниот законик со што практично ги исфрлија од игра независните кандидати и ги спречија да учествуваат на сите следни избори на локално и на национално ниво, наведуваат тие во соопштението.

Преведено во бројки на национално ниво ако се земе за пример Изборната единица (ИЕ) 1, наместо досега потребните 1.000 потписи, со усвоените измени на независните ќе им требаат 3.372 потписа за да поднесат независна листа. Според бројките на запишани избирачи, за ИЕ 2 на независните ќе им бидат потребни 2.408 потписи, за ИЕ 3 – 3.005, за ИЕ 4 – 2.945, за ИЕ 5 – 3.395 и за ИЕ 6 – 2.486 потписи. Овие измени ги истиснуваат независните и од учество на локалните избори идната година.

– За независна листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник на Град Скопје, ќе бидат потребни 4.674 потписи, наведуваат овие организации.

Се додава дека на последните локални избори во 2021 година, во град Скопје запишани избирачи биле 467.373, од кои гласале 229.531. Ако ги земеме изборните резултати каде што еден советник од независната листа бил избран со 4.611 гласа, произлегува дека повеќе потписи ќе бидат потребни за учество отколку за добиено советничко место на избори. За независна листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник на Град Скопје, ќе бидат потребни 4.674 потписи.

Се наведува и тоа дека, на пример, Австрија и Белгија имаат барање од 200-500 потписи, зависно од регионот, Британија – 10 потписи, Финска – 10 потписи или три и пет во помали општини, Германија – 200 потписи, Данска помеѓу 150 и 200, Ирска 15 потписи за општини и 60 за парламентарни избори, Кипар и Малта – четири потписи, Грција – 12 потписи, а во Естонија и Франција нема барања за потписи.

На ваквите укажувања вчера немаше одговор од оние кои стојат зад донесувањето на новите законски решенија. Прашањето кое само се наметнува е дали ваквите промени, со кои независните кандидати се на пат да изчезнат поради неможноста да ги исполнат законските услови, се добри за македонската демократија?

Претходна вестСДСМ: Стари кадри на Мицкоски за носители, ДПМНЕ не може да донесе никаква промена
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Не знаеме со кој образ повторно ќе излезе Пендаровски на избори да ја бара довербата од граѓаните