Тензиите меѓу Србија и Косово продолжуваат. Директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ изјави дека на административниот премин Јариње е забранета уште една пратка динари наменета за исплата на плати, пензии и социјални надоместоци.
Петковиќ изјавил дека на административниот премин Јариње е забранета уште една пратка динари наменета за исплата на плати, пензии и социјални надоместоци за Србите и другите неалбански жители на Косово, чиј опстанок зависи од приливот на средства од буџетот на Република Србија.
-Припадниците на полицијата на Курти не само што забранија влез на динари, туку на административниот премин демонстрираа грубост кон претставниците на Народната банка на Србија (НБС) и компанијата Хендерсон, а потоа ги избркаа со закана за апсење, кажал Петковиќ.
Како што истакнал директорот, Албин Курти со тоа „јасно покажал дека таканаречениот преоден рок е чиста лага и дека цело време работи на операционализирање на одлуката за забрана на динарот“.
Една пратка динари веќе беше блокирана на 7 февруари на преминот Јариње без никакво објаснување или официјално одбивање.
-Повторно апелираме до меѓународната заедница дополнително да го зголеми притисокот врз Приштина за трајно да се откаже од едностраната одлука за забрана на динарот, бидејќи очигледно експлицитните вербални пораки на неодобрување што Курти ги добива во последните денови не се делотворни, рече Петковиќ.