Со долги говори пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и денеска го попречија завршувањето на расправата за предлогот фржавниот јавен обвинител Љубомир Јовески да стане уставен судија. Вчерашната седница на Комисијата за прашања на избори и именувања заврши ноќеска еден час по полоноќ, а денешното продолжение се прекина во попладневните часови.
На вчерашната седница десетчасовен говор имаше пратеничката од опозициската партија Бети Стаменковска – Трајковска, а денешната седница почна со долга процедурална забелешка на заменик координаторката Ели Панова, која побара стенограми од седницата, но исто така прочита и деловник за работа на Комисијата. Панова побара од претседателката на Комисијата Марија Георгиевска да бидат обезбедени стенограми од претходното прдолжение на седницата кое завршило во 1 часот по полноќ. Панова ја обвини претседателката на Комисијата дека не дала никаква пауза и дека ја прекинала седницата откако пратеничката Стаменковска-Трајковска за кратко ја напуштила седницата. Според Панова, претседателката на Комисијата требала да обезбеди и вода за пратениците, но и доктор и вработени во службите. Панова побара и стенограми од говорот на претседателот на Собранието Талат Џафери од пред повеќе години кога како пратеник долго читаше поезија и молчеше на седница на собраниска Комисија за да се види, како што рече, дали нему му било дозволена пауза.
Панова, која најави дека опозициските пратеници ќе имаат долги говори, го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ зошто не го поддржуваат Јовески да стане уставен судија. Таа најави дека тие колку што можат подолго демократски ќе го одолговлекуваат гласањето за него, сакајќи да спречат тој да стане уставен судија.
-Сметаме дека е одговорен за криминали и афери што тој не ги расчистил, рече таа, додавајќи дека Јовески, но и Татјана Васиќ Бозаџиева, која исто така е предлог на владејачките партии, не смеат да бидат уставни судии, рече таа.
Претседателката на Комисијата Георгиевска рече дека за стенограмите од синоќа ќе ги извести службите и оти кога ќе бидат подготвени ќе бидат испратени до пратениците, додека за стенограмите од обраќањето на Џафери упати пратеничката група на опозициската партија да се обрати со барање до генералната секретарка, како и за тоа додека траат седниците да биде обезбедено присуство на лекар.
Пратениците дополнително ќе бидат известени за продолжението на седницата.