За еден месец на подрачјето на Националниот парк Шар Планина изгореле над 400 хектари, а од тоа најголема површина е зафатена во само два пожари над село Селце, кои траеја шест дена, информираа денеска од НП Шар Планина. Штетите по изгубена дрвна маса и друга вегетација сè уште не се пресметани, како и трошоците на другите државни институции. Иако најчесто пожарите се случиле во близина на населени места и приватни имоти, во само неколку исклучоци локалното население и сопствениците излегле да ги заштитат шумите од пожари.
– Зимата е пократка, летото е подолго и симптоматично е што пожарите се појавуваат со поголем интензитет и почесто. Очигледно е дека условите се менуваат, а за справување со вакви екстреми немаме модел затоа што се потпираме на искуства, истакна на прес-конференција Ибрахим Дехари од НП Шар Планина.
За унапредување на можностите на НП за интервенции кај нив има тековна обука за справување со шумски пожари од страна на Шумарската служба на Соединетите Американски Држави. Денеска е последниот, практичен дел од обуката.
– Шумарската Служба на Соединетите Американски Држави има повеќе од 100 годишно искуство во справување со шумски пожари и на Шар Планина се веќе една недела. Група од експерти ни помагаат да воспоставиме систем на ефикасно справување со пожари на територијата на Паркот преку подготовка на план за справување со пожари и интензивна теоретска и практична обука за сите вработени. Обуката се однесува на протоколарно постапување при инциденти, до планирање и тактики за справување со пожари на отворено, комуникација, употреба на алати, следење на временска прогноза како и безбедност при работа. На обуката учествуваа и претставници на ЦУК, ДЗС и против пожарната територијална единица од Гостивар како и неколку локални волонтери со цел да се зајакне меѓуинституционалниот пристап при справување со вакви катастрофи, рече Дехари.
Дали ќе се преземе нешто и околу обука на локалното население, не е познато.