На скопскиот Филозофски факултет не само што се учи историја туку самиот е историја на македонското образование

Најстара високо-образовна институција во државата, основана во далечната 1920 година, со само 10 наставника и 30-тина студенти за да сега има 12 институти од хуманистичките и општествените науки, со повеќе од 100 наставници и околу 3000 студенти на сите три циклуси на студирање… Ова е она по што се препознава скопскиот Филозофски факултет кој делува во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Друго по што се препознава Филозофскиот факултет се првите предавања во слободна Македонија пред 77 години, на денешен 16-декември 1946-та година. Со тоа практично почнало и конституирањето на првиот македонски универзитет во престолнината на Република Македонија.

Во периодот до Втората светска војна, до 1941 година, Филозофскиот факултет работеше во составот на Белградскиот универзитет, со настава на српски јазик, со оглед на непризнавањето на македонскиот народ и на македонскиот јазик во рамките на тогашното Кралство СХС и подоцнежно Кралството Југославија.

Но, заедничката борба на македонскио и другите народи кои потоа ќе станат делови на заедничка југословенска федерација доведоа до тоа во Македонија да започне и развојот на образовните институции на мајчин, македонски јазик. Клучниот настан се случил на 16 април 1945 година кога тогашното Народно собрание на Македонија усвоило два законски текста од кои со првиот се дало овластување на Президиумот на Народното собрание на Македонија да изработи Закон за Универзитетот во Скопје, а со вториот се дало овластување од страна на Народната влада на Македонија да пропишува уредби за високите школи и академии.

Потоа во ноември 1945 година била формирана комисија во состав: Михаил Петрушевски, Харалампие Поленаковиќ, Ѓорѓи Шоптрајанов и Блаже Конески и која донела заклучок да предложи на Министерството за просвета да се отвори Универзитет во Скопје, а како прва факултетска установа да биде отворен Филозофскиот факултет со два отсека: Историско-филолошки и Природно-математички.

Самото отворањето на Филозофскиот факултет било извршено на 29 ноември 1946 година, а првите предавања биле одржани на 16 декември 1946 година. На почетокот предавале 20 наставници и еден асистент, додека настава слушале 548 студенти, од кои 427 редовни и 121 вонреден студент.

Наставата на Филозофскиот факултет се одвива во рамки на 12 институти – филозофија, историја, педагогија, социологија, класични студии, историја на уметност и археологија, психологија, социјална работа и социјална политика, специјална едукација и рехабилитација, безбедност одбрана и мир, родови студии, семејни студии. Заклучно со учебната 2019/20 акредитирани се вкупно 19 студиски програми на прв циклус студии со 240 кредити, 34 студиски програми на втор циклус студии со 60 или со 120 кредити и 6 студиски програми на трет циклус студии со 180 кредити. Дипломите на сите три циклуси се широко признаени и овозможуваат продолжување на студиите на други универзитети во светот.

На факултетот дејствуваат и две катедри кои изведуваат настава и на други факултети, и тоа катедрата за дефендологија и катедрата за хуманистички студии. На Факултетот постои и Катедра за УНЕСКО за унапредување и развој на науката и создавање услови за вклучување во меѓународни програми, како и четири центри, меѓу кои балканскиот центар за проучување на мирот, центарот за образование и истражување, анкетниот истражувачки центар и националниот центар за континуирано образование, како и социјалниот центар.

Филозофскиот факултет не е значаен само по тоа што е прв модерен факултет во слободна Македонија. Имено, тој ги воспоставил темелите на македонската научна дејност, давајќи ги првите високообразовани кадри на територијата на земјата, а е посебно важен во доменот на општествените истражувања како зародиш на повеќе особено битни институции за македонската државност како МАНУ, институтот за национална историја, институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” и други. Факултетот е добитник на престижната републичка награда „11 Октомври” во 1976 година.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Спасовски наместо да шири демагогија, да понесе одговорност
Следна вестЧешка ги зголеми квотите за странски работници, вклучително и од Македонија