Забрана на учениците да ги користат мобилните телефони додека престојуваат во училишниот објект е доенсена во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани. Освен ова, изготвен е и Кодекс на облекување.
Употребата на мобилните телефони се забранува во целост, односно за време на часовите, но и на малите и големите одмори. Ќе може да се користат откако ќе заврши наставата. Доколку учениците имаат потреба да контактираат со родителите за време на часовите, тоа ќе може да го направат преку одделенскиот раководител, стручната служба или директорот.
-Забраната за мобилните телефони е заради подобрување на дигиталната безбедност и заштита од разни видови онлајн злоупотреба. Доколку ученик го користи мобилниот телефон за време на наставата, истиот ќе му биде одземен и предаден кај службите, а ќе биде вратен кај родителот на крајот од учебната година. Во Кодексот на облекување е наведено дека не е дозволено носење здолништа и кратки панталони, маици без ракави, спортски хеланки, искинати фармерки, високи потпетици и слично. Исто така, издадовме брошура против т.н булинг, односно врсничкото насилство меѓу учениците и клучната улога што ја имаат родителите во неговото спречување, истакна Силвана Серафимова, педагог во ОУ „Св. Кирил и Методиј“.
Правилникот за користење мобилни телефони и Кодексот на облекување се поддржани и усвоени од Советот на родители, Наставничкиот совет и Училишниот одбор. Одлуките веќе се применуваат и се однесуваат на сите ученици од прво до деветто одделение.