На измените се поднесени 500 амандмани, кои се главна причина да се прекине работата на Комисијата. Потребно е да се средат материјалите, но и да се остави повеќе простор за изјаснување на пратениците по упатените забелешки.
Се очекува седницата да продолжи утре, откако ќе се подготват материјалите.
Измените и дополнувањата на Изборниот законик се предложени од пратениците Јован Митрески, Александар Николоски, Никола Мицевски, Арбер Адеми, Скендер Реџепи. За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алијансата за Албанците, помалите политички партии и претставници на независните листи се против измените.
Собранието денеска ја усвои потребата од нивно донесување по скратена постапка.
Според најавените измени во Изборниот законик, минималниот број потписи што би биле неопходни да се соберат за независна листа или кандидат за градоначалник се 2 отсто од бројот на избирачи во таа општина.
Тоа би значело дека во општина со 50.000 избирачи треба да се соберат 1.000 потписи, а 1.500 гласа треба за советник да се избере, што значи умерено извлечена е паралела.
Доколку се усвојат измените, пак, и за поднесување кандидатура на независна листа или градоначалник бидат потребни потписи од 2 отсто од избирачите, во Скопје би биле потребни 9.226 потписи, ако се прави пресметка според бројот на избирачи од 2017 година кога имало вкупно 461.321 избирачи. Ова е речиси десеткрано зголемување на бројот на потписи само за да се добие место на гласачкото ливче.
Над 1.000 потписи ќе требаат и за многу други општини каде бројот на избирачи е поголем од 50 000. На пример, за Куманово ќе требаат 1.846 потписи, за Битола 1.592, Гостивар 1.598, Прилеп 1.281, Охрид 1.050 гласови.
Според ова, во овие општини ќе биде полесно да се регистрира нова политичка партија, за што се потребни 1.000 потписи, отколку да се собираат потписи за кандидатура на независна листа.
Дополнително, предлогот се коси и со препораката на ОБСЕ-ОДИХР, во чиј финален извештај за локалните избори во 2017 година се посочува дека треба да се размислува за прагот да биде најмногу 1 отсто, како и препорака да нема измени на изборнните закони најмалку 6 месеци пред избори.
Најавените измени во Изборниот законик со кои се зголемува бројот на потписи потребни за независни листи на кандидати за советници и градоначалници предизвика револт кај помалите политички играчи.
Премиерот Зоран Заев отфрла дека се работи за договор помеѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, туку дека во изработка на предлог-законот учествуваа сите политички партии, и Алијанса за Албанците и Левица. На крајот, законот се носи во Собранието и таму може да се отвори дебата, што е сосема легитимновели тој.
И министерот за правда Бојан Маричиќ пак вели дека станува збор за компромисен предлог меѓу политичките партии и оти прагот според него е достижен за оние кои имаат поддршка од граѓаните.
23 граѓански организации и поединци предводени од „Зелен хуман град“ му пишаа отворено писмо на претседателот, Стево Пендаровски, барајќи да не ги потпишува измените, истакнувајќи дека измените се спротивни на препораките на ОБСЕ ОДИХР.
-Ако гледаме во апсурдноста на целите овие промени за да регистираме една политичка партија во нашата држава потребни се само 1000 потписи , таа политичка партија може да делува насекаде во државата во сите изборни едници наместо независните избирачки листи кои што со овие предлози треба да соберат 10 илјади потписи за да делуваат само на подрачјето на Град Скопје, ако тоа не е апсурд јас не знам што е, вели Горјан Јовановски „Зелен хуман град“
Со нивниот став се согласува и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој очекува да се почитуваат препораките на ОБСЕ и ОДИХР и непосредно пред изборите во октомври да нема менување на правилата..
-Во врска со најавениот Предлог за измена и дополнување на Изборниот законик, во делот кој би пропишал независните советнички групи да треба да соберат потписи од два проценти од вкупниот број на избирачи запишани во една општина, претседателот Пендаровски смета дека треба да се предвиди понизок праг со цел да се овозможи поголемо учество на граѓаните во изборниот процес, велат од Кабинетот на Пендаровски.