Над двесте деца починале поради сируп за кашлица, првиот човек на фармацевтската компанија осуден на две години затвор

Директорот и уште тројца службеници на индонезиска фирма чиј сируп против кашлица е поврзан со смртта на над 200 деца се осудени на затвор. Тие се осудени на двегодишна затворска казна и парична казна од 1 милијарда индонезиски рупии (63.056 долари).

Фирмата Афи Фарм е обвинета за производство на сирупи за кашлица кои содржат вишок на токсични материи.

Адвокатот на компанијата рече дека тие негирале невнимание и дека фирмата размислува дали да поднесе жалба, пренесува Би-Би-Си. Обвинителите бараа затворска казна до девет години за главниот извршен директор на Афи Фарм, Ариеф Прасетја Харахап, и по седум години за другите обвинети. Јавниот обвинител соопшти дека во периодот од октомври 2021 до февруари 2022 година компанијата добила две серии пропилен гликол, кој се користи за правење сируп против кашлица.

– Компанијата не ги тестираше состојките користени во сирупот за кашлица и наместо тоа се потпираше на сертификатите за квалитет и безбедност од нејзиниот добавувач, соопштија обвинителите. Адвокатот на Афи Фарм, Самсул Хидајат, изјави за Би-Би-Си дека регулаторот за лекови во Индонезија не бара од производителите на лекови да вршат ригорозни тестирања на состојките.

Судијата во Окружниот суд Кедири, Источна Јава, ги прогласи четворицата обвинети за виновни за намерно производство на фармацевтски производи што не ги исполнувале безбедносните стандарди. Случајот доаѓа откако се зголемуваат напорите ширум светот за заострување на надзорот врз синџирите за снабдување со лекови по труењата.

Од 2022 година, повеќе од 200 индонезиски деца, од кои повеќето биле помлади од пет години, починале од акутна повреда на бубрезите поврзана со контаминиран сируп за кашлица. Околу 100 смртни случаи се пријавени во Гамбија и Узбекистан. Светската здравствена организација (СЗО) издаде предупредување за шест сирупи против кашлица произведени во Индија и Индонезија.

Претходна вестГи слушна ли Владата предупредувањата дека ХЕЦ Чебрен треба да е македонска сопственост?
Следна вестИ основците во Карпош секој понеделник ќе ја слушаат државната химната