Ги слушна ли Владата предупредувањата дека ХЕЦ Чебрен треба да е македонска сопственост?

Во светот обично ретко која нормална држава ги дава на други држави под концесија своите најголеми национални богатства. Матичната држава се обидува сама да ги користи своите ресурси, треба да е целосно во зорт за да го даде тоа на друга држава. Ова е еден вид на непишано правило – насока.

Колку ова се почитува во Македонија?

Трите месеци коишто Владата и ги даде на грчката фирма ППЦ – Архиродон за да основа заедничко акционерско друштво за ХЕЦ Чебрен и да обезбеди дозвола за користење на вода полека истекуваат, без најави дека нешто е проблем. Очигледно, издадената концесија од страна на Владата ќе почне да се реализира.

Односно, ќе почне да се реализира големиот енергетски, јавно-приватен, проект кој засега ни велат дека вреди 1 милијарда евра, а во кој Македонија ќе има сопственост од една третина, и ќе го добие во своја сопственост дури по 60 години. Воедно, на грчкиот концесионер се дава и ХЕЦ Тиквеш.

Според многумина експерти, овој проект треба да биде капитален енергетски објект со оглед дека во наредниве години ќе се остане без јаглен за РЕК Битола, без ТЕЦ „Осломеј“. Оттаму и прашањето дали навистина е склучена добра зделка со која нашата земја ќе може да биде спокојна кога ќе се работи за потребите за електрична енергија? Не требаше ли овба сами да си го градиме?

На примерот на ланската енергетска криза предизвикана со секнувањето на гасот од Русија, порастот на цените, а по што државата од својот буџет мораше да „изгори“ стотици милиони евра за увозот на струјата, се виде што значи кога се нема доволно сопствена струја. Поради ова е и прашањето дали Македонија од Чебрен ќе добива доволно бидејќи ќе има сопственост од само една третина и дали, по истекот на 60 години, ќе и остане нешто енергетски вредно од она што ќе остане?

Енергетските експерти, организирани во Здружението на инженерите, изминативе денови упатија сериозни предупредувања. А основното во нив беше укажувањето дека со таква зделка нашата земја нема да добие она што може да го добие доколку самата си го гради Чебрен.

– Овој проект треба да го води државата, а не да се дава на која било друга држава. Со тоа ќе се намали енергетската зависност на државата. Државата преку ЕСМ треба да биде инвеститор, носител и раководител при изградбата и да управува со користењето на тој потенцијал во следните 60, 100 или повеќе години. Објектот се гради во долг период од седум до осум години, а може и подолго. Инвестицијата на ниво од 600 до 700 милиони евра распределена во овој временски период по 100-120 милиони евра не е големо финансиско оптоварување на националниот буџет. Ниту ако се земе кредит, особено преку помош од ЕУ за зелена транзиција на Западен Балкан, кога дел може да биде и донација, укажа универзитетскиот професор Константин Димитров.

Енергетичарот Зоран Митрески, пак, предупредува дека концесијата од шест децении е предолга.

-Животниот век на централите е околу 40 – 50 години. Што ќе ни е она што ќе ни го вратат назад, кога тоа ќе биде руинирано. Нашите деца, од нивниот животен работен век нема да ја искористат таа енергија. Кога би се вратила таа централа назад, таа би била тотално руинирана и тотално бескорисна, тврди Митрески.

Сето ова се сериозни предупредувања и дилеми кои бараат да бидат расчистени пред да се склучи конечен договор и да тргне изградбата. Една таква дебата е најавена за денеска во Стопанската комора на Македонија каде Здружението на енергетичари на Македонија – ЗЕМАК организира панел дискусија на тема: „Презентација на проектот и дискусија за ПАХЕЦ Чебрен“. На дебатата своите ставови ќе ги соочат сите оние кои сметаат дека проектот Чебрен треба да се прави по друг концепт но и оние кои стојат зад владината одлука и договорот. Јавноста треба да ги чуе сите аргументи и доколку навистина се покаже дека ваква договорената зделка не е добра, треба и да се стопира бидејќи вака скапи грешки со трошењето на толку пари и откажувањето од целосната сопственост, не смеат да се прават.

За проектот Чебрен, за кој првите физибилити студии се правени во шеесетите години од минатиот век, досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години. Нема ништо да се загуби доколку се почека уште малку за да се избере најдобра опција по интересите на Македонија.

Претходна вестВо Германија објавен „Манифест за мигрантите“: Ножевите се оставаат дома, ние не венчаме деца, ниту мажи со повеќе од една жена
Следна вестНад двесте деца починале поради сируп за кашлица, првиот човек на фармацевтската компанија осуден на две години затвор