Црната бројка полна со човечки и семејни трагедии за жал ја мина бројката од 6.700 починати лица од вирусот, што Македонија ја става во самиот светски врв. Зошто е ваква ситуацијата? Многу месеци поминаа од почетокот на пандемијата, зошто надлежните здравствени институции не најдоа начин силниот удар од вирусот да се намали, ослаби и смртноста да не биде толку голема?
Надлежните сето ова време даваа објаснувања дека главните причини што голем број на пацоенти подлегнуваат на болеста се други заболувања кои ги имале заразените пациенти – дијабетис, кардио-васкуларни проблеми и слично. Се наведуваше и тоа дека многу од пациенти доцна се јавувале во болниците кога веќе не можело многу да им се помогне. Но, зарем во другите држави луѓето немаат други болести? Во странство ако сите се јавувале на време во болниците, зошто ние тоа не го постигнавме, каде е проблемот?
Сепак, се почесто почнаа на виделина да излегуваат примери за лоши врски меѓу некои матични доктори и пациенти, дека нема јасни протоколи за лекување на болните, дека непотребно се даваат многу дози на силни антибиотици… Значи и начинот на лекување е проблем, но за него надлежните не зборуваат и делуваат често како за вакцините.
А на начинот на лекување деновиве укажа и д-р Кејти Смолвуд од Светската здравствена организација која во интервју за ТВ 24 рече дека причините треба да се бараат и во системот на здравството.
– Работата која СЗО ја врши со колегите од Македонија за да се подобри квалитетот на нега во одделенијата за интензивна нега и во болниците, да се осигура дека кислородната поддршка се дава навремено и луѓе кои не мора да се стават на механичка вентилација, да не бидат ставени на механичка вентилација, рече таа.
Ова се прашања на кои укажуваа и бројни македонски граѓани сведочејќи за искуствата кои ги имале при лекување во болниците.
– Кај нас отсекогаш медицинската нега била недоволна. Всушност, по болниците не е направено нешто суштинско од времето на Тито. Кога би се разболела не би заминала во државна болница. Нема доволна медицинска нега, но нема ни кадар ниту обука за вакви третмани. Надлежните ништо не преземаат, нив ги интересира само политика, ни вели Павлинка Богданова.
Граѓанката Фросина Арсовска укажува дека нема доволно персонал по болниците.
– Штом кажуваат дека една медицинска сестра е на 20 пациенти тогаш е јасно и сигурно дека нема доволен кадар. Колку и да сака таа сестра да помогне, не може на сите. А за опремата знаеме сите дека е страшна состојбата. И онака да отидеш на лекар апаратите не работат, наведува таа.
А наскоро може да ни се случи новиот бран на ширењето на вирусот, пак ли само ќе повторуваат дека треба да се прими вакцина? Подобреното лекување кога ќе им биде приоритет во делувањето? Впрочем има случаи кога и вакцинирани се разболуваат.