Надминат е проблемот со поплавените операциони сали на третиот кат, соопштија попладневно од Градската општа болница „8 Септември“.
-Болницата е во целосна функција, се наведува во соопштението.
Проблемот настана откако вода протекла во две хируршки сали на третиот кат во екот на вчерашното невреме.
Пациентите што треба да бидат оперирани веќе се префрлени во опремени сали на другите катови.
Поројните дождови кои синоќа го зафатија Скопје предизвикаа поплави во две операциони сали на трети кат поради што интервенциите врз пациенти мораше да се прават во две новоотворени сали кај Итната медицинска помош.
Директорот на ГОБ „8 Септември“ д-р Христијан Костов изјави дека со ова е предизвикано мало задоцнување на програмата, но пациентите се згрижени.
– Времето вчера беше апокалиптично. Протече вода во оперативните сали на третиот кат, некои од операциите беа одложени додека опремата не се префрли во долните сали. Но сега можам да кажам дека продолжуваме со операции долу, а другите сали на Трауматологија и ортопедија се функционални. Нема потреба за загриженост, болницата е во функција. Овој период имаме значително зголемена работа поради дефектот на Клиничкиот центар, но успеваме успешно да се справиме со предизвиците. Верувам дека медицинскиот кадар е преморен поради зголемениот обем на работа, а и дополнително ни недостасува луѓе, бидејќи дел од нив ги користат одморите, рече Костов.