Заеднички железнички станици со Македонија, Црна Гора и Унгарија за да се забрза движењето на патници и стоки најави српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ.
-Ќе имаме заедничка товарна железничка станица, така што возовите повеќе нема да застануваат на граница, туку ќе се вршат контроли на Табановце. Во средината на мај во Бијело Поље ќе отвориме заедничка железничка станица со Црна Гора, така што возовите веќе нема да застануваат на граница, туку во Бијело Поље ќе имаме царина и полиција, и српска и црногорска, и се ќе биде направено на едно место, рече Весиќ.
Тој во гостувањето на „Euronews“ рече дека на сличен начин со Унгарија е договорено заедничката железничка станица да биде во Сегед за возот Сегед-Суботица, кој, како што вели, ќе тргне во октомври. Во Сегед ќе се врши царина и пасошка контрола и оттаму возот без застанување ќе влегува на територијата на Србија.