За околу 3,5 години Скопје треба да добие нов Генерален урбанистички план со кој ќе биде предвидено ширењето кон северните делови од градот. Ова беше кажано на денешното потпишување на договорот меѓу Градот Скопје и на Министерството за транспорт и врски. Актуелниот ГУП е донесен во 2012 година, со важност до 2022 година.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека ќе се залага за контролирано и планирано ширење на градот.
-Скопје го гледам како многу повеќе зелен град, повеќе функционални јавни простори, со сообраќај кој обезбедува урбана мобилност, соодветно планирање на комунална инфраструктура. Верувам дека Скопје ќе се развива и шири на начин што ќе го релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на разионално користење на неискористените слободни површини во северниот дел од градот, рече Шилегов.
Врзано за актуелните проблеми со новиот ДУП за населбата Расадник Шилегов рече дека таму биле направени значајни пропусти во актуелниот ГУП донесен во 2012 година.
– Предвидените површини за градба во Расадник се за три пати помалку од она што го дозволуваат параметрите на постојниот Генерален урбанистички план. Меѓутоа некој го предвидел урбанизирањето на тој дел од Градот, во смисла на изградба на станбени објекти, и по основ на тоа некои луѓе реализирале права, кои не можеме до крај да ги редуцираме во целост. Таму беше планирано да се гради на станбена површина од 400.000 м2, за таканаречен развој. Секторот за урбанизам во Град Скопје ја намали површината за градба, но поради ДУП-от од 2012 година, не сме во можност целосно да го редуцираме, објасни Шилегов.