Со мотика, до сега, ќе се завршеше ископот на булеварот „Борис Трајковски“

Раскопан e булеварoт „Борис Трајковски“ на делницата од објектите на општината Кисела Вода па до крстосницата кај населбата Расадник. Тоа е состојба која веќе со недели секојдневно ја гледаат жителите на оваа скопска општина. Причината е интервенцијата на топловодната мрежа која тука не се прави за првпат.

Големиот ископ, меѓутоа, веќе им создава големи проблеми, како на пешаците така и на возачите. Пешаците кои сакаат да одат на спротивната страна можат да одат само преку импровизирани мовчиња, а возачите се принудени да возат само по една лента наместо по постоечките две.

-Ова стана голем проблем. Реконструкцијата се отегна и никако да заврши веќе трае цело лето и не и се гледа крајот. Не ми е јасно како толку долго време треба за неа. Тука копаат на секои година – две… Не ми е јасно како еднаш не ги направат сите предвидени работи. Толку ли не можат да планираат, ни вели Славица Банева, жителка на Кисела Вода.

И возачите се на маки. Колони возила се создаваат на потегот од старата Рампа па до семафорите кај општината.

-Многу чекаме оти семафорот не може да пропушти многу возила. Од Рампа па до општината ми треба три-четири пати да чекам зелено светло. До сега со мотика тројца жители на општината ќе ја завршеа работата, а овие со багери се спори, ни рече еден возач.

Работите на терен се уште се далеку од завршувањето. Тоа значи дека маките на жителите на оваа скопска општина ќе продолжат. Надлежните од општина Кислеа Вода кои седат во канцелариите спроти овој ископ би требало да размислат околу ова и да се надмине проблемот ако не се сака тој да трае до крајот на годината.

Претходна вестВо петок „Опера и балет под ѕвездите“ пред МОБ
Следна вестВМРО-ДПМНЕ со нов Извршен комитет, одбиено барањето за вонреден конгрес