ВМРО-ДПМНЕ со нов Извршен комитет, одбиено барањето за вонреден конгрес

Нов состав на Извршниот комитет на партијата, оставка на досегашниот генерален секретар Игор Јанушев и одбиено барање за одржување на вонреден конгрес, се најзначајни одлуки кои беа донесени на синоќешната седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Во состав на Извршниот комитет на најголемата опозициска партија влегоа: потпретседателите Александар Николовски и Владо Мисајловски, Иван Иванов, Сергеј Попов, Никола Мицевски, Гордана Димитриевска- Кочоска, Рашела Мизрахи, Стефан Андоновски, Марија Андоновска, Олга Лозановска, Дафина Стојановска, Вело Марковски, Трајко Славевски, Влатко Ѓорчев, Драган Ковачки, Коце Трајановски, Кирил Пецаков и Антонијо Милошоски.

Во Извршниот комитет веќе ги нема Ане Лашкоска, Иванка Василевска, актерот Тони Михајловски, блискиот соработник на Мицкоски, Димитар Димовски, лекарот Игор Николов, претседателката на Унијата на жени Благица Ласовска, Владимир Нелоски, Цветан Трипуновски, Јован Јаулески, Орце Ѓорѓиевски и уште некои други.

-ВМРО – ДПМНЕ има една единствена цел, победа над мафијата, неправдите и злото наречено „власт на Зоран Заев“. Знам дека нема да биде едноставно. Немаме работа со политичка длабочина ниту политичка мудрост или политичка ширина. Имаме работа со мафија. Секој сака да го разниша главниот и носечки столб на македонската нација и држава. Задача на оваа генерација политичари во ВМРО – ДПМНЕ е да ја задржат оваа структура чиста и да ја одбранат од политичките хиени без разлика дали се од нашиот политички противник, одвнатре или од други места, изјави по седницата лидерот Христијан Мицкоски.

Тој објасни дека самиот побарал одржување на вонреден Конгрес на кој тој не би се кандидирал за претседател на партијата, но неговот барање било едногласно одбиено од членовите на Централниот комитет.

-Отворено дикутирав за моето речиси тригодишно управување со партијата. За тоа како ја затекнав и што сторив. Не бегам од своите принципи и затоа, иако до денеска не беше поднесено барање или иницијатива за вонреден конгрес од оние кои водат хајка против мене, јас на сопствена иницијатива поднесов предлог за свикување на вонреден Конгрес на кој нема да се кандидирам. ЦК едногласно го одби овој предлог и со тоа ми даде полн легитимитет да продолжам со раководењето на ВМРО – ДПМНЕ и им се заблагодарувам за укажаната доверба, рече Мицкоски.

Досегашниот генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ, Игор Јанушев си поднел оставка на таа функција од лични, односно од приватни причини.

Претходна вестСо мотика, до сега, ќе се завршеше ископот на булеварот „Борис Трајковски“
Следна вестПопладне e можен краткотраен дожд