Преку апликацијата за самопопишување до 8 часот денеска се евидентирани 64.176 лица од дијаспората, објави утрово Државниот завод за статистика.
Дали од ова може да се оцени успешноста на процесот, за министерот за надворешни работи Бујар Османи се уште е рано да се каже. Тој на прес конференција напладен информираше дека најмногу граѓани се попишале од Швајцарија, околу 16.000, што претставува околу една четвртина од очекуваните бројки.
Следни се Германија со околу 10.000 попишани иселеници и Италија 6.000, но како што оцени, далеку послаби резултати има во Австралија и Канада,притоа не соопштувајќи конкретни бројки.
Остануваат уште 35 дена за иселените граѓани сами да може да се попишат, како и периодот од 1 до 21 април во кој ќе се спроведува пописот во земјава и граѓаните кои се тука ќе можат да ги попишат и иселените доколку го имаат нивниот матичен број.
Османи рече дека дека нема информации ниту од од дипломатско – конзуларните претставништва (ДКП) ниту од неговите лични контакти дека некој активно бојкотира или дава отпор за попишување во дијаспората, конкретно во Австралија, иако како што рече не може да исклучи таква можност.