Најмалку 112 загинати, стотици исчезнати во шумските пожари во Чиле

ајмалку 112 луѓе загинаа а стотици други се водат како исчезнати во шумските пожари што го зафатија централниот дел на Чиле, соопштија властите во неделата ноќта, додека претседателот Габриел Борич предупреди дека земјата се соочува со „трагедија од многу големи размери“.

Шумските пожари кои избувнаа пред неколку дена им се закануваат на рабните населби на туристичките градови Виња дел Мар и Валпараис, кои заедно бројат повеќе од милион жители.

Снимките од дронови на агенцијата Reuters во областа Виња дел Мар покажуваат изгорени цели населби, жители кои бараат меѓу остатоците од изгорените домови и улици преполни со уништени автомобили. Пожарите изгореа со најголем интензитет околу градот Виња дел Мар, каде што познатата ботаничка градина основана во 1931 година беше уништена од пламените јазици во неделата. Најмалку 1.600 лица останаа без домови во овој град.

Неколку населби на источниот раб на Виња дел Мар беа проголтани од пламен и чад, заробувајќи некои луѓе во нивните домови. Официјални лица соопштија дека 200 лица се водат како исчезнати во Виња дел Мар и околината. Градот со 300.000 жители е популарно крајбрежно одморалиште, а исто така е домаќин на многу познат музички фестивал за време на летото на јужната хемисфера.

Властите во најтешко погодените области воведоа полициски час по 21 часот по локално време и ја испратија војската да им помогне на пожарникарите во напорите за запирање на ширењето на пожарите, додека од воздух се прават обиди стихијата да се скроти со исфрлање вода од хеликоптери.

Чилеанската медицинска служба соопшти дека 112 лица загинале во пожарите, а 32 тела биле идентификувани. Претходно во неделата, претседателот Борич, прогласувајќи дводневна национална жалост, рече дека Чиле мора да се подготви за уште лоши вести.

Претходна вестПовеќе од половината Македонци не може да си дозволат годишен одмор
Следна вестСанкционирани 250 непрописно паркирани возила во општина Центар