Дванаесет деца и уште најмалку 34 возрасни лица загинаа во сообраќајна несреќа на автобус со македонски таблички, што се случи пред околу три и пол часа, во Бугарија. Трагедијата настанала на автопатот Софија – Благоевград, а по ударот автобусот се запалил.
Според бугарските медиуми, во него имало 52 лица, а според последните информации успеале да преживеат само 6 кои во моментот се наоѓаат во болницата во „Пирогов“ во Софија. Меѓу загинатите деца имало и близнаци. Не преживеал ниту возачот.
– Во „Пирогов“ се сместени шест лица, сите со изгореници на лицето и горните дишни патишта. Двајца се со изгореници на дланките, другите имаат рани. Луѓето се во тешка траума, изгубија роднини, деца. Тие скокнале од прозорците на автобусот, па оттука и повредите, вели за БГНЕС Маја Аргирова, раководител на клиниката за изгореници во „Пирогов“.
Автобусот тргнал околу 21 часот, а влегол во Бугарија преку граничниот премин Капитан Андреево.