Жителите на скопско Маџари кои живеат во непосредна близина на депонијата кај Вардариште се организираат за повторен протест. Минатата недела го кренаа својот глас, неиздржливо е велат во 21 век да не се најде начин како да се реши отпадот, туку упорно на луѓето да им се сервира пред нос, буквално во дворовите на куќите. „Скопско ехо“ го следи хронолошки проблемот со депонијата, и логично се наметнува прашањето: зошто едноставно не се исчисти и направи парк како што тоа се случи во населбата Карпош? Ова надлежните го ветија, но, со секое појавување во јавноста изјавите на тема Вардариште се различни.
Еве ги хронолошки:
Пред 4 дена директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани рече дека Вардариште не било депонија туку само „претоварна станица по сите стандарди“, а некои други луѓе ја палеле па се ширела смрдеа. Жителите на Маџари со месеци го тврдат спротивното велат дека токму камиони на „Комунална“ истовараат ѓубре тука секојдневно, наместо да го носат во Дрисла.
Скопскиот градоначалник пак исто така пред 4 дена, спротивно на сведочењата на околните чители, тврдеше дека не се носело ново ѓубре во Вардариште, туку се вршела “примарна селекција на отпадот, се истоварал во возила и потоа се носел во Дрисла“. Повторно жестоко реагираа жителите, тврдејќи дека ова се измислици.
Пред 4 месеци кога беа актуелни пожарите во градот, токму Петре Шилегов вети пред камерите дека „за десеттина дена ќе го снема отпадот кај Вардариште, односно дека во моментот се чисти“, но не се исчисти…
Брзо по оваа изјава следеа обвинувања од него до – тогаш техничкиот министер Наќе Чулев – дека не си ја врши работата и не ги лови пироманите што ја палат депонијата.
Жителите го губат трпението. За оваа депонија случај отвори и народниот правобранител, а луѓето од околината писмено ги информираа и клучните странски амбасади во земјава за како што рекоа „негрижата на властите“.
Затоа на крајот повторно ѕвони прашањето до надлежните: Зошто едноставно не ја „збришете“ депонијата и да направите парк, та нели Скопје конкурира за „зелена престолнина“?