Наместо од почеток на јули како што беше најавувано евтината дневна тарифа за електрична енергија ќе започне од 1 декември годинава, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.
На прес-конференцијата тој рече дека таа ќе се применува во периодот од 13 до 15 часот. Тоа, посочи Бислимовски, е максимумот што можевме да го направиме и очекуваме во наредниот период да почне промената на броилата.
-Евтината тарифа не ја воведуваме од какви било политички причини, туку заради сигналот на цената на електрична енергија на сите берзи во Европа, вклучувајќи ја и нашата. Цената на електричната енергија осум месеци наназад е пониска дури и од цената после 24 часот, рече Бислимовски.
Тој додаде дека се определени и новите цени на струјата и дека граѓаните ќе плаќаат пониски цени. Бислимовски кажа дека е намалена и цената која се плаќала за мрежарина, која во изминатите месеци беше повисока и од цената на струјата.
-Донесените цените по блокови за период на високи дневна тарифа се следни: прв блок намалување од 7,04 отсто, втор блок намалување од 4,09 проценти, трет блок зголемување од 2,54 отсто и четврт блок зголемување од 2,42 проценти. РКЕ носи одлуки за цени и тарифи без ДДВ. Домаќинствата со просечна потрошувачка ќе плаќаат пониска цена за енергија и мрежарина за 4,26 отсто, а од декември со стартот на дневната евтина тарифа ќе следи линеарно намалување за 5 проценти на сметките, изјави Марко Бислимоски.
За намалувањата, ЕСМ придонело со намалувањата во загуби.
-Во сметките ќе го немаме проблемот дека се плаќало повеќе за мрежарина, а помалку за енергија. Со сите мерки, се стабилизира ситуацијата, посочи Бислимоски.