За само неколку минути интензивниот дожд што вчера врнеше доцна попладне и вечерта, го поплави Скопје на оние места каде мааните на улиците и канализационите мрежи се очигледни и долго време игнорирани од надлежните.
Скопјани почнаа да споделуваат фотографии од Волково, од Кисела Вода, каде буквално жителите сами со кофи се обидувале да се спасат од поплавата, за водата да не им влезе во дворовите.
Од УХМР прогнозираат дека и деновиве што следат треба да очекуваме вакви обилни врнежи. Затоа, со оглед на тоа дека еден дел од нашите улици не се направени баш како што треба, да се опремиме со кофи и канти, гумени ракавици и на работа на труд! Да спречиме дворовите и домовите да ни се наполнат со вода.
Туку, дали и градоначалниците ќе излезат со кофи во раце? Ќе видиме. Засега тие се навикнати да се фотографираат за принаправена улица, посадено цветче или дрвце, а за вакви малку сериозни работи, фотографирањето на градоначалник како црпи вода од поплава на улица-по автоматизам, ќе значи признание дека не ја завршил добро работата со улицата…
Но шегата настрана. Градоначалниците итно да ги лоцираат најкритичните места и брзо да реагираат за да се санираат проблемите. Дождовите може да бидат подолготрајни. Скопјани не заслужиле негрижа, дебело плаќаат за да биде се далеку поподготвено дури и за многу пообилни дождови.