Направена уште една трансплантација на срце и бубрези од починат донор

Направена уште една трансплантација на срце и бубрези во земјата, информира вчера министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити.
Тој соопшти дека нови органи добиле тројца пациенти.
-Благодарение на хуманоста на едно семејство, кое и покрај болката од загубата на член од семејството, успеа да собере храброст и да се одлучи да спаси, не еден, туку неколку животи, денес тројца пациенти добија здрави органи и шанса за нов живот. Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот, изразувам длабоко сочувство за нивната загуба, но и почит за нивната одлука, за нивната хуманост и храброст. Живот може да се подари само ако за тоа имате доволно љубов и емпатија во себе. Благодарност и за целиот тим, кој изминативе 24 часа без прекин работеше и сè уште работи на клиниките вклучени во трансплантацијата!, рече Меџити.
Министерот додаде дека се гордее со медицинскиот кадар.

Претходна вестДвојно убиство во тетовски Челопек поради имотни прашања
Следна вестНачалникот на израелската армија најавува офанзива врз Либан?