Најновите услови во економијата овозможуваат да се почне со постепено претпазливо нормализирање на поставеноста на монетарната политика и е одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,25 процентни поени, на нивото од 6,05 проценти, соопшти денеска Народната банка.
Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети, на нивоата од 4,20 проценти и 4,25 проценти, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е исто така непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка вчера на редовна седница ги разгледуваше најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Од Народна банка информираат дека одлуката за монетарната политиката е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар. Годишната стапка на инфлација во август позначително забави и изнесува 2,2 проценти, при поволни движења кај сите три главни компоненти, односно пад на цените кај прехранбената и енергетската компонента и забавен раст на базичната инфлација.
– Со оглед на споредбената основа од 2023 година (мерки за привремено ограничување на растот на цените), до крајот на годината е можна определена променливост во стапката на инфлација, но во просек за целата 2024 година се очекува дека ќе биде во рамките на проектираната од 3,5 проценти, според априлскиот циклус проекции. Во анкетите на ЕК за очекувањата на потрошувачите, веќе пет месеци по ред преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на берзанските цени на примарните производи, најновите прогнози се ревидирани надолу, во согласност со зголемената понуда и намалената побарувачка, што е поврзано со послабите изгледи за раст, се вели во соопштението.
Во соопштението стои дека состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на август изнесува 4.469,8 милиони евра, што е соодветно за задржување на стабилноста на курсот на домашната валута.
-Економскиот раст во вториот квартал на 2024 година забрза и е речиси идентичен со проекциите на Народната банка. Реалниот раст на домашната економија изнесува 2,3 проценти на годишна основа (1,2 проценти во претходниот квартал), при натамошен раст и на квартална основа. Така во првата половина од годината е остварен раст од 1,8 проценти, што е блиску до нашата проекција од 1,9 проценти, поцочува централната банка.