Колумна на Никола Тасев:
Пандемијата е на страшно ниво во Македонија. Уште пострашно е како надлежните се справуваат со неа. Веднаш да кажам – тука не мислам на медицинскиот персонал – тие даваат и повеќе од максимум. Проблемот се властите, кои, како да се кријат зад работењето на медицинарите и ниту 30 отсто не запнуваат во делот од работата што нив ги чека.
Министрите и премиерите на сите земји се растрчани барајќи спас од пандемијата, но и во подготовка за живот потоа. Се бараат вакцини, се анализираат последиците, се отвараат нови пазари, се склопуваат пријателства… Примери за тоа гледаме секој ден на медиумите. Еве само некои од нив: Унгарија и Полска бараат пријатели и пазари во Азија, Германија и Франција го одоброволуваат Путин за вакцини, ЕУ комесарите се во Турција…
Едноставно, европските водачи си имаат работа и си ја работат! А нашиве?
Нашите лидери дремат по дома како „новодојдени снајки”, барајќи единствено решение како да се оправдаат дека сите други се виновни, само не тие, за се што и се случува на Македонија во последната година! Смислуваат пропаганда и толку.
Како поинаку да се протолкува фактот дека премиерот и министерот за здравство си возат мотори во ден кога има десетици починати пациенти. Нормално би било да се растрчани во барање чаре за тоа, а не да се развозуваат рекреативно по Македонија…
Затоа треба некој јасно и гласно да им подвикне: ајде марш надвор, извадете ги задниците од удобните фотељи, или од седиштата на моторите и растрчајте се по светот, но и дома, работете си ја работата. Имате многу проблеми за решавање.
Прво, решете го проблемот со вакцините. Зашто се уште ги нема во доволен број! Јасно ни е дека Ковакс механизмот се покажа како неефикасен и за тоа не можеме да ги обвиниме, но Ковакс е неефикасен и за останаттие, па тие најдоа начин како да обезбедат вакцини за своите граѓани. Премиерот Заев самиот се пожали дека ѕвонел насекаде, дури и во безбедносни служби, но му одговориле само од Србија. Дали тоа значи дека е изолиран или едноставно тој самиот се изолира во безбедната зона каде „анонимните“ хонорарци го фалат дека е најдобар и најумен?
Епа ако се увиде дека никој не сака да си игра со нас, а Србија ја играат и на Западот и на Истокот, можевме да го искористиме тој канал, па преку нив да нарачавме вакцини, а не да се задоволиме само со донација. Белград е на 3 часа возење или уште подобро можеа да се излетаат со хелихоптерот. Оној прилепскиот! И така рекоа дека им фалело часови летање. Но, не! Прилеп им беше поблиску, башка и локални избори доаѓаат, па треба да се лапне некое поенче.
Покрај српскиот канал, можеа да се обидат да го искористат и каналот преку увозниците за лекови! Па белким тие имаат некаков контакт со производителите, како што впрочем и во текот на пандемијата без проблем ја опслужуваа државата со останатите потребни лекарства. А можеа и малку да згрмат кај НАТО сојузниците, та нели едно од основните начела на воената алијанса е и солидарноста меѓу членките. Камо донација од некоја од нив. Србија и Русија од кои единствено добивме донации, не се во НАТО.
Второ, неопходно е да се направи анализа на процентот на смртноста која е загрижувачка и меѓу највисоките во Европа. Уште пред неколку месеци најавија, деновиве повторно ја актуелизира таквата анализа, но се уште ја нема. А просто не верувам и дека ќе ја има, ако се остави на нашите здравствени власти да ја прават. Едноставно се покажаа заинтересирани само за сопствен ПР, а не и за вистинска грижа за населението.
Трето размислувајте за иднината, затоа што Пандемијата еден ден ќе ја снема, светот ќе се врати во нормала, а дотогаш треба економијата да се држи во кондиција, за да не влече напред и да не извади од кризата. Државата мора да биде повеќе вклучена во поддршка на стопанството, да даде, за да може утре од истите тие компании да и се врати. Не сакам пак да прашувам: Што стана со новиот сет економски мерки? Ќе биде ли годинава?
Уште еднаш: веднаш излезете од своите канцеларии, седнете во кола, авион, хелихоптер и растрчајте се низ светот: разговарајте, барајте, убедувајте, па и молете ако треба, но обезбедете вакцини, отворете нови пазари, донесете инвестиции. Спасете животи, зачувајте работни места, размислувајте за денес, но и подгответе ја државата за утре.
Тоа го прават вистинските лидери во моментов. А нашиве всушност лидери се или само така ги нарекоа во нивните партии?