Синоќа загина младо момче кај Охрид – тешко повредени неколку лица, пред тоа шеснаесетгодишен мотоциклист загина кај Кадино откако се судрил со друг мотоцикл, а тројца се тешко повредени… Во близина на Велес седум лица се здобиле со повреди во сударот на две возила… Млад скопјанец го загуби животот откако возилото излетало од патот кај Пробиштип… Тешка сообраќајка на „Водњанска“, загина пешак… Сето ова се само најновите трагични примери на тоа што се случува на сообраќајниците низ Македонија.
За жал, сообраќајните несреќи со се потешки последици станаа секојдневие, а на тоа како да навикнавме и да не не тревожи. Секоја година, во просек, во земјава на патиштата гинат меѓу 130 и 200 лица, околу 7.000 се здобиваат со повреди, а бројот на сообраќајките се мери со илјадници.
Секоја анализа која се прави покажува дека причините треба да се бараат во непочитувањето на сообраќајните правила и прописи, пребрзо возење, возење под дејство на алкоохол, без возачка дозвола, со неисправни возила…
Дали оваа „војна“ на патиштата може да се спречи само со апели кои ги праќаат разни невладини тела, па дури и полицијата?
-Страшно е ова што се случува на улиците. Се вози пребрзо, без појаси, ги заобиколуваат лежечките полицајци, не застануваат на пешачки, се застанува кој каде сака… И сето тоа никој како да не контролира, не се казнува. Што прави полицијата? Ова станува премногу опасно, ни вели скопјанецот Никола Маџаревски.
-Насилци што сакаат тоа прават по улиците, загрозуваат туѓи животи, а полицијата на тоа нема одговор, или ја нема на сообраќајниците или си стојат и муабет си прават додека пред нос неодговорните кршат сообраќајни правила, А потоа статистички ги брои сообраќајките, револтиран е Раде З.
Секако, самосвеста и самоодговорноста на секој учесник во сообраќајот мора да биде поголема, но полицијата мора да си ја врши работата поревносно.
Повремените акциски контроли секојпат потврдуваат колку е масовно непочитувањето на прописите. Таквите контроли и стриктни казни мора да станат секојдневие бидејќи нема друг начин да се дојде до безбедноста во сообраќајот. Само на таков начин ќе се спасат многу животи.