НАТО ќе ѝ даде воена опрема на Украина, но нема да се бори против Русија

Испраќање на дополнителна воена помош за Украина е договорено на денешниот вонреден самит на НАТО во Брисел. Генералниот секретар на НАТО Столтенберг истакна дека Алијансата го засилува и источното крило во Европа и дека ќе ја помогне украинската војска со противтенковски и противвоздушни системи и дронови. Но, Алијансата нема да испраќа свои трупи во Украина.

-Тоа би значело вклучување во директен конфликт со руските трупи, кажа Столтенберг.

НАТО истовремено ја повика Кина да се воздржи од обезбедување економска и воена помош на Русија.

На самитот обраќање имаше и украинскиот Претседател Зеленски кој повторно побара поконкретна поддршка и порача дека на овој начин ќе се види кој е вистински пријател на неговата земја.

Инаку, продолжуваат борбите во Украина при што и украинската и руската страна тврдат дека бележат успеси. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, тврди дека градот Ирпин, каде во последните неколку недели се водат жестоки борби, речиси целосно е под контрола на Украинските сили.

Воени успеси на борбениот терен пријави и руската страна. Портпаролот на руското министерство за одбрана, Игор Конашенков, изјави дека Русија целосно ја презела контролата на градот Изјум, во регионот на Харков, во источна Украина, каде минатите денови се водеа жестоки борби.

Борби се водат и во Киев, Чернихив и Харков. И натаму најтешка е ситуацијата во градот Мариупол во јужна Украина, каде повеќе од 100. 000 луѓе се заробени од воените судири без доволно храна, вода или електрична енергија.

Претходна вестПочинаа три лица, нови 281 заразен
Следна вестАрсовска ги буди инспекциите: Стоп за самоволието на поединци и уништувањето на јавни добра