НАТО има намера да мобилизира 90.000 војници за најголемите воени вежби на Алијансата од крајот на Студената војна со цел да ја одврати руската агресија, пишува германската агенција ДПА.
Според информациите што денеска ги добија агенцијата, сценариото за вежбата која треба да започне во Европа во февруари, е руски напад на сојузничка територија што би го активирал членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој гарантира колективна одбрана.
Вежбите ќе се фокусираат на алармирање и распоредување на национални и мултинационални копнени сили во случај на руски напад. Членот 5 беше активиран само еднаш по нападите на 11 септември 2001 година врз САД од страна на Ал Каеда.
Најголемите вежби на Алијансата од Студената војна, се одржаа во 2018 година главно во Норвешка, а во нив учествуваа околу 51.000 војници.