„НаТочак“ реагира: Велосипедската патека на улицата „Васко Карангелески“ е под секое ниво, како рачно тапкана со лопата…

Бројни критики за начинот на којшто е направена реконструкцијата на улицата „Васко Карангелески“ во скопската општина Аеродром упати денеска граѓанското здружение „НаТочак“ во кој членуваат велосипедисти. Во реакцијата објавена на нивната Фејсбук страница се наведува дека е добиен само „уште еден автодром со 4 предимензионирани коловозни ленти“. Посебни забалешки се ставаат за тоа како е направена велосипедската патека.

– Изведбата на велосипедската патека е под секое ниво, брановидна, како рачно тапкана со лопата, а не со механизација. Таа е уште една патека за контејнери. Градоначалничката Данела Арсовска ветуваше во предизборието дека ќе ги дислоцира контејнерите од вело патеките, а сега поставува нови на новите патеки. Дури и да морало таму да има контејнер, дали е логично да нема заобиколување и тоа да се обмисли и изведе однапред, а не да се “тупнуваат” отпосле? Сериозно, не знаевте дека ќе требаат контејнери на улицата кога се правеше проектот?, прашуваат од „НаТочак“.

Оттаму укажуваат дека посаденото зеленило е жардињерско, наместо дрвја кои прават сенка и растат со децении.

-Толку густо се засадени дрвцата што мораме да се запрашаме дали има некаква цел освен купување (трошење повеќе јавни пари) и броење поголем број садници?! А од тој ѕид од дрвца не се гледаат пешаците кои излегуваат на преминот бидејќи крошните на дрвцата се ниски колку мали деца. Пред пешачките премини учениците ќе бидат невидливи за возачите на коли.

Тие додаваат дека последните реконструкции на улици се пропуштени шанси за подобра велосипедска инфраструктура (пр. ул. „Есенинова“, „Даме Груев“, „АСНОМ“), а оваа шанса не само што е пропуштена туку е свесно прокоцкана.

-Оваа градска власт не учи од грешките кои беа правени пред 10-15 години туку ги копира, нагласуваат скопските велосипедисти.

Претходна вестПо 47 дена интензивна нега на ГАК, Мила вчера си замина дома
Следна вестМеџити: Крајно време е Обвинителството да излезе со име и презиме за случајот со Oнкологија