Научниците смислија генијален начин да создадат кислород на Марс, со помош на бактерија. Бактериите кои живеат во пустината, се хранат со сончева енергија, трошат јаглерод диоксид и испуштаат кислород, може да се инјектираат во боја што ќе создаде кислород во идната човечка населба на Марс, пишува „Саенс алерт“.
Научниците создадоа биолошка обвивка од бактеријата „Chroococcidiopsis cubana“, која создава и ослободува одредена количина кислород, а истовремено ја намалува количината на јаглерод диоксид во воздухот околу неа.
– Ваквата обвивка не само што може да има функција во идните вселенски истражувања и населувања, туку може да најде примена и на Земјата, вели водачот на научниот тим, микробиологот Сајмон Крингс од Сарскиот универзитет во Велика Британија.
„Chroococcidiopsis“ е чуден род бактерии. Во областите на нашата планета каде што тешко би помислиле дека може да постои живот, веројатно ќе ги најдете овие бактерии.
Тие користат чуден тип фотосинтеза што може да ги нахрани дури и во услови на слаба осветленост, со механизам за преживување во темница.
Освен во екстремно темни места, овие бактерии може да се најдат и во пустини, во услови не многу различни од оние на планетата Марс.
За разлика од другите сино-зелени бактерии, нивниот метаболизам има пожелни својства. Бактериите трошат јаглерод диоксид од кој преку фотосинтезата создаваат органски соединенија и ослободуваат кислород.
Крингс и нејзиниот тим сакале да развијат биооблога што ги поседува овие својства. Во овие облоги, живите бактерии се вградени во слоевите, кои мора да бидат издржливи и да не содржат состојки кои можат да им наштетат на бактериите.
Таквата идеја претставувала голем предизвик – биооблога која е порозна, овозможува хидратација и движење на клетките, но е механички робусна и цврста.
Кога, по многу обиди и грешки, успеале да ја направат облогата, научниците морале да тестираат дали таа функционира како што било предвидено. Научниците ја набљудувале облогата 30 дена и ги мереле емисиите на кислород и навлегувањето на јаглерод диоксид.
Тие утврдиле дека бојата постојано испушта 0,4 грама кислород на килограм биомаса во текот на месецот. Тоа е околу 400 грама кислород за секој килограм боја. Покрај тоа, бојата апсорбирала јаглерод диоксид.
Ова не би било доволно за населување на Марс – на тим астронаути ќе му требаат околу 500 метрички тони кислород за една година. Сепак, биооблогата може да придонесе за создавање барем дел од потребниот кислород, како и за отстранување на одредена количина јаглерод диоксид.