Народната банка на Македонија ги намали проекциите за растот на македонската економија за оваа и следната година во новата пролетна макероекономска проекција. Гувернерката на НБМ Анита Ангеловска – Бежоска денеска соопшти дека се очекува годинава македонската економија да порасне за 2,6 проценти, додека следната 2025 година ќе забележи раст од 3,6 отсто.
Со есенските макроекономски проекции, централната банка за годинава предвиде раст од 3 отсто и инфлација од 3,5 до 4 отсто. На среден рок за 2025 и 2026 година, беше предвиден раст на БДП од 4 проценти и инфлација од околу 2 отсто.
Како што образложи Бежоска во однос на проекциите на растот на БДП, тие се пониски во однос на октомвриските проекции што главно се должи на послабиот раст минатата година особено кај инвестициите кои забележаа пад од 16,7 отсто, иако се очекуваше нивно зголемување, а исто така и поради послабите резултати во првиот квартал годинава. Исто така, влијание имаа и надолните проекции на глобално ниво особено кај нашите главни трговски партнери.
На среден рок се очекува повисок раст на странската побарувачка и на инвестициите, особено во вториот дел на годинава. Сепак, како што посочи гувернерката како главни ризици и натаму се глобалната неизвесност и ризиците опстојуваат. Сето ова налага и натаму водење внимателни макроекономски политики.
Растот на БДП и годинава ќе биде главно воден од домашната побарувачка со негативен придонес кај извозот.
Ангеловска – Бежоска рече дека просечната инфлација годинава во првиот квартал беше 3,4 отсто, за цела 2024 година се предвидува да изнесува 3,5 отсто, што е значаен пад во однос на лани кога изнесуваше 9,4 отсто. На среден рок инфлација се очекува да се сведе на историскиот просек од околу 2 отсто.