Скопје со садење бетон на секое „пола метро“ сака да стане метропола!?

Главниот град на Македонија станува светска метропола. На секое „пола метро“ има некоја зграда, улица…

Бетонот ли го прави Скопје метропола? Дали можеби фалат други работи?

Да, погодувате – зборот ни е дека Скопје пребрзо расте, малку во ширина, малку повеќе во висина со многукатни згради. И воедно, во градот премногу се згуснуваат зградите на сметка на зеленилото и широкиот – отворен животен простор.

Дали тоа е издржливо за постојната градска инфраструктура? И конечно, дали сетиот тој бетонски хаос е издржлив за скопјани?

Редно е веќе надлежните, и од градското и од централното ниво, на овие прашања да дадат одговори. И што е уште поважно, потоа, да реагираат соодветно.

Зарем прашањето за функционалноста на Скопје ќе биде оставено да се движи според досегашното искуство – без правила. Зарем не треба да се донесе план и да се воведе ред?

Доволно е само да се погледне на скопските крстосници за да се види дека сообраќајниот шпиц – хаос во Скопје трае цел ден. Порано такво нешто беше присутно само наутро и попладне кога луѓето се враќаат од работа. Впрочем и статистичките податоци укажуваат дека последниве години број на новонаселени граѓани во Скопје се движи околу три илјади годишно и дека расте. Едноставно, за десетина години, во градот ќе имаме новодоселени околу 30.000 нови жители, практично цел еден град. А да не споменуваме дека има и жители на Скопје кои и не се регистрирани дека живеат во главниот град. Градот сега веќе има скоро 700.000 жители, а се верува дека се и уште повеќе. Проценка е дека во градот веќе има „вишок“ од околу 150.000 жители кои не може да ги издржи постоечката инфраструктура – улици, канализација, водовод…

Јавноста уште чека да се подготви новиот ГУП на Скопје. А, беше најавено дека ќе почне да важи во период од 2022 до 2032 година.

Зошто е така? Зошто не се организираат јавни расправи и дебати со стручни лица – урбанисти, архитекти, активисти… – за да и тие бидат вклучени во креирањето на најважниот план за Скопје?

Ако ова не се средува, Скопје нема да биде нити „пола“ од метропола.

Претходна вестИ во недела им се брзало: Казнети над 550 возачи за брзо возење
Следна вестНБМ ги намали проекциите: Економскиот раст годинава наместо 3 ќе изнесува 2,6 отсто