Обрвска за транспаретно и одговорно работење си преземаа министрите во Македонија откако ставија свои потписи на Етичкиот кодекс кој ќе треба да го почитуваат. Согласно Кодексот, функционерите, директорите и лицата на раководни позиции во институциите именувани од Владата, на секои шест месеци ќе треба да доставуваат извештај за направените трошоци во текот на нивното работење, кои, потоа, ќе се објават на владината алатка за отчетност. Кодексот ги обврзува и да ги објавуваат податоците за работењето на плановите, ревизорските извештаи, завршните сметки, списоците на вработени, односно се што е од интерес за граѓаните…. Доколку владините функционери не го испочитуваат Кодексот, ќе одговараат согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Премиерот Зоран Заев рече дека со овој чин системски ќе се подигне свеста на оние кои извршуваат јавни функции.
-Ќе се изгради систем на интегритет, добро владеење и управување, но ќе се врати и довербата на граѓаните во институциите, нивната ефикасност и функционалност и ќе се исполни препораката на ГРЕКО, потенцира тој.
Ова не е прв кодекс кој го потпишуваат министрите, а вакви кодекси до сега се промовирани и во повеќе други сфери. Ги потпишуваа пратениците во македонскиот парламент, локалните функционери, судии и обвинители, ревизори, вработените на универзитетите, армијата, во најразлични државни комисии… А какво е придржувањето до овие етички кодекси, подобро кажано, какво е отстапувањето од нив, тоа граѓаните секојдневно го гледаат.
Афери, скандали, неетичко однесување, поткупи, малверзации на лица кои ставиле свои потписи на некој од овие кодекси и натаму се секојдневие. Значи, не е работата во донесувањето и ставањето на потписите на кодексите туку до изнаоѓањето на механизмите да се спречуваат, рано откриваат и санкционираат неетичките однесувања и злоупотребите кои ги прават оние што се обврзале на чесно однесување. Заради сето ова, добро е да постојат потпишани етички кодекси но уште подобро е да доследно се применуваат законите во секоја сфера.