Не го користеле мозокот, само мускулите: Го урнале летниковецот на Марково Крувче

Паднати греди, големиот покрив, искршена ограда… е глетката која сега може да се види како остаток од некогашниот летниковец на омиленото излетиште на Скопјани Марково Крувче, на падините на Водно. Глетката се надополнува и со купишта смет и отпадоци од лименки, стаклени шишиња, празни кутии цигари…, а што е останато по вандализмот кој бил сторен деновиве.

Фотографијата од овој очигледен вандализам почна да се шири по социјалните мрежи со ироничен коментар дека „Некој си имал голема мака“. Сторителите на овој вандализам, со кој е уништен летниковец од кој се пружа најубавиот поглед на Скопје, се уште не се откриени. Граѓаните, пак, на социјални мрежи искажуваат вчудоневоденост од ваквиот вандализам за кој беше потребна голема сила и голема негрижа за природата и човечка околина.

– Ова е од сериозни лудаци оштетено. Срамота… страшно… Тоа ќе биде така се додека државата не постави камери крај споменици, во паркови.. и ги сними вандалите, а потоа ригорозно казни, порачуваа граѓаните во своите коментари.

За жал, ова не е за првпат да се оштети некој од објектите на падините на Водно наменети за граѓаните. Лани, во август, на Средно Водно, биле уништени дел од клупите, масите, летниковците, дрвените мостови и друго. Пред четири години, непознати сторители на јужната страна на врвот на Водно уништиле видиковец. При вандалскиот чин урната е дрвената конструкција, а потоа истата е скршена и запалена. Сите сторители досега не се откриени.

Полицијата мора да открие барем некој кој повеќе користи мускули отколку мозок и оштетува општествен имот.

Претходна вестПо многу години, Пандев повторно ќе го облече дресот на Интер за ревијален натпревар
Следна вестКако предизборно ќе уверуваат дека работат за доброто на народот?