Не треба да се чека: Платата на Бујар Османи мора да се покачи

Што се нема да слушнеме од политичариве во предизборието, Полна им е устата дека многу работат, дека се скромни, дека само на Македонија мислат…

Ама, се чини, сето тоа е засенето од изјавата на претседателскиот кандидат и сегашен министер за надворешни работи – Бујар Османи. Тој објасни:

-Пријателите се смеат кога им кажувам дека ако еден месец не добијам плата јас ќе треба да се задолжам. Тие ми велат нема шанси, толку години функционер, но ви кажувам најискрено дека ако еден месец да не ми стигне плата јас ќе мора да се задолжам за да преживеам, изјави тој пред камера говорејќи за својата финансиска состојба и за тоа колку му е важна платата што ја добива.

Воопшто не е јасно зошто пријателите му се смееле. Па министерската плата, откако си ги покачија, е само нешто над 122.000 денари. 

И што има врска што просечниот македонски граѓанин кој исто како и Османи го преживува месецот со плата, зема малку над 22.000 денари? Зарем заради таа мала разлика во платите треба да е смешна маката која ја има министерот? 

Османи се чини треба да си преиспита кои и какви му се пријателите. Не е добро ако тие не му веруваат дека нема други приходи, дека „крпи“ со платата, дека таа не е преголема, дека…

Инаку, треба итно да се преиспита и Македонија, односно Владата.

На, Бујар Османи мора што поскоро да му се покачи платата. Не смее во ваква финансиска неизвесност да биде министер кој бие силни дипломатски битки за Македонија да го сочува националниот дигнитет и кој прави се земјава да влезе рамноправно во ЕУ. Само неговата растрчаност околу зачувување на македонската посебност и историја заслужува поголемо вреднување и поголем семеен буџет.

Е, да, навистина треба да се преиспита и самиот Османи.

Не знае тој да штеди? Во семејството сигурно и сопругата му работи. Не е добра препорака за иден претседател на Македонија фактот дека нема барем мали заштеди. Стара овдешна традиција е во семејствата да се води не само сметка за тоа да се помине месецот туку и да се тргне нешто на страна, да се заштеди, токму за ситуации кога платите ќе доцнат, кога ќе се остане без работа, за да се купи нешто поскапо…

Сепак, сега најважно е неговата плата итно да се зголеми. Не е добро да имаме министер кој е можно да дојде во ситуација (еднаш да му доцни платата) да зајмува пари од пријатели кои му се смеат, или пак од сопартијци кои се напикаа по државните институции.

Мора Македонија да мисли на дигнитетот на Османи, оти Османи мисли и работи на дигнитетот на Македонија.

Претходна вестСкопје доби биокомпостара која за 24 часа ќе преработува еден тон биоразградив отпад
Следна вестУапсена жена од Тетово – сакала да украде паричник од соба во тетовската болница