Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска на својот фејсбук профил објави дека се повлекува од функцијата претседателка на форумот на жени на СДСМ. По оставките на партиските потпретседатели Фатмир Битиќи и Перо Костадинов, ова е ново повлекување од партиските функции по вчерашниот изборен пораз. Тренчевска потенцираше дека од партиските структури се повлекува целосно одговорно и самосвесно, со сигурност дека не ја изневерила довербата која и беше дадена. Таа додаде дека се донесени највисоките плати и пензии, се грижеле за најмладите и за лицата со попреченост.
-Затоа денес се повлекувам од мојата функција како претседателка на форумот на жени на СДСМ, функција која ја извршував чесно, достоинствено и во служба на граѓаните. Но, од моето делување сфатив дека на граѓаните не им се потребни само добри закони, туку и силни реформи! Продолжувам цврсто напред, појасни Тренчевска.
Потенцираше дека нема да дозволи уназадување на социјалната работа и укинување на мерки кои се од полза на граѓаните. Како што појасни, се води од вредности во кои секој заслужува поддршка, можности и напредок, и така ќе делува од позиција на пратеник.