Не знам дали Филипче чита што му пишуваме на Фејсбук, ама имам едно прашање…

Од вечерва почнува долг полициски час кој ќе трае до понеделник во цело Скопје и неколку други градови во Македонија. Министерот за здравство ова го објави и на Фејсбук давајќи и објаснување зошто се прави тридневниот целосен полициски час.

-Овој нов бран е директна последица на непочитување на јасно пропишаните мерки, но и на задоцнетата или слаба активност за казнување од страна на надлежното министерство, напиша министерот.

Граѓаните во огромен број му одговорија под неговиот пост, скоро сите со негодување за усвоените мерки:

-Не да го обвинуваш народот, обвини си ги твоите колеги од владата кои наместо да прават кампања како луѓето да се заштитат од вирусот, тие правеа кампања за избори и на народот му делеа расипани ресани, напиша Славчо.

-Значи престани да дробиш празна слама и да обвинуваш на секои пет минути, почна да создаваш нервоза, напиша Трајце.

-И сега кога ќе се наполни Охрид, Струга, Дојран… што правиме? Скопје празно во карантин, а другиве по плажи и така пинг- понг ќе си играме со вирусов!!! Ќе важи карантинов само за 30% население што ќе остане и за покојниците во Бутел пошто и таму не смееме на ги посетиме, му напиша Јасмина.

-Не знам дали ги чита коментарите ама имам едно прашање само. Зошто Албанците за Бајрам мораа да си ги испочитуваат обичаите, а Македонците за нивен празник немаат такви права? Зошто, го праша Сандра.

-Така де, кога е македонски верски празник на ред, тогаш нема компромис. Сите во карантин. Го нема ни она барем во недела до 11 претпладне. Живи ги разделивте луѓето, па уште и од мртвите, коментира Лејла.

-Како можеш да го обвиниш Чулев, а и народот кога вие секој ден зборевте дека под контрола е пандемијата ? Абе ништо не ви е под контрола, не можете точни податоци од позитивните за лицата со кои комуницирале да земете. Ве играат како сакаат, ај после овој карантин пак ќе кажете короната е под контрола,за после 7 дена да кажете пу пу не важи народот не почитува,Чулев не казнува. Дно дна сте. Мизерни сте, напиша Моника.

Во големиот број на други пораки имаше и за тоа дека денешните гужви по маркетите се поопасни од тоа да немаше долг полициски час.

Инаку, синоќа министерот Филипче напиша и уште еден пост на Фејсбук каде посочи:

-Враќањето на рестрикциите на никој не му паѓа лесно. Верувам дека можеби се чуствувате обесправени бидејќи најголем дел од вас доследно се придржуваат до мерки за што сум ви благодарен. Но, моја обврска како министер е да направиме сѐ за заштита на колективното здравје, како и заштита на здравствениот систем кој не смееме да дозволиме да се оптовари, стои во текстот на министерот.

Претходна вестСо звуците на Нина Спирова „прошетајте се“ низ „Скопје 1973 година“
Следна вестПретпладне променливо сончево и потопло, попладне можен дожд