Некој дозволил младите на плажа да пушат од исто наргиле, да се возат одвај стоечки во автобус, базените да се преполнуваат…

Фотографиите од журките на охридските плажи, од автобусите на ЈСП и други слични собиралишта на стотици луѓе во затворен и отворен простор во време на трицифрени новозаболени и понеколку починати секој ден – се илустрација на немање соодветен систем на санкција и стратегија за кризен менаџмент на државата, коментираат читателите на „Скопско ехо“.

Докторите и епидемиолозите секојдневно апелираат дека е погрешно да се олабават луѓето до овој степен, а кога бројките беа најмалку 10 пати помали седевме затворени дома под полициски час. Очигледно свеста кај граѓаните е на најниско ниво заради тоа што голем дел од нив и не веруваат во вирусот, но тоа не ги амнестира надлежните да бидат одговорни што не спречиле нештата да стигнат до тука. Оние посовесните имаат поинакви идеи за спроведување на релаксација на мерките ама со нивно строго почитување:
-Конкретно за плажите и базените, сопствениците треба да забранат влез за луѓе во број над дозволениот, наместо тоа на плажите се пуштаа на иста маса најмалку 20 млади! И не само тоа – сите пушат од исто наргиле, пишуваат граѓани во нашата редакција. Според нив бадијала се сега кривични пријави за плажите кога штетата е веќе направена.
– Не требаше да се дозволи да стартуваат со работа ако не дадат гаранција за безбедносните протоколи, реагираат граѓаните.

И ЈСП е „приказна за себе“. Јасно е дека сите луѓе немаат автомобили и други решенија за движење до саканите дестинации, ама автобускиот превоз е една од најсериозните закани ако нема регулација на мерките. Па откако вети дека се враќа во нормала, автобускиот превоз најави 100-процентна безбедност но како кога нема дистанца меѓу патниците внатре и не се почитуваат протоколи?
-Ако реши да работи ЈСП мораше да си обезбеди човек во секој автобус кој ќе дезинфицира и ќе одржува ред, а не на станица да настанува тепачка за тоа кој да се качи и како. Внатре, потоа, нема место ни за стоење а камо ли за седење, пишува наша редовна читателка.

Очигледно е дека несовесноста некој свесно ја дозволува оти на пример, правилата на игра во еден дом ги поставува домаќинот, а не гостинот кој ќе му дојде. Така е и со плажите, автобусите, базените…

Претходна вестСè уште трае потрагата по момчето кое исчезна во Преспанското езеро
Следна вестСе отвора 60-тото јубилејно „Охридско лето“