Голема прашина се дигна околу вработувањето на Миликие Халими за директор на државното претпријатие „Аеродроми“. Те, имала-немала универзитетска диплома, те завршила ли Педагошки или Економски факултет, те како претходно станала инспекторка во Царинската управа со средно медицинско училиште…
Наскоро прашината ќе слегне, а поранешната градоначалничка на општина Арачиново и кадар на владеачката партија СДСМ ќе седне во фотелјата и ќе треба да се грижи за аеродромските услуги во Македонија.
Лидерот на нејзината партија и премиер Димитар Ковачевски нејзиниот избор го правдаше со тоа што таа имала универзитетска диплома.
–Таа е избрана од страна на Надзорниот одбор и е избрана врз основа на критериуми кои што ги има јавното претпријатие за аеродромски услуги кое што е сепак едно мало претпријатие и врз основа на универзитетска диплома која што ја има таму поднесено. Таа е предлог на Владата врз основа на универзитетска диплома која што ја има и која универзитетска диплома ја имаат и други функционери кои извршуваат пратенички функции така натаму, објасни премиерот Ковачевски.
Па, така, излегува дека правно се било во ред со изборот.
Ама, има тука уште една дилема – прашање: Па нели немаше повеќе да вработуваат партиски кадри на високи места во државните институции?
Нели беше последно такво нешто изборот на партискиот функционер Стефан Богоев за директор на Царинската управа откако претходно беше потпретседател на СДСМ?
Или можеби скапо платените директорски места ги добиваат по основ на стручност и знаење?
За жал, само одново се потврдува дека кога се има партиска книшка се станува достапно. А со тоа одново се добивата нови и нови примери со кои процесот на партизацијата на државата не запира. Се заборави ли на тоа дека пред последните избори СДСМ ветуваше дека ова веќе нема да се повторува и дека на важни раководни места ќе се поставуваат професионалци, зналци… И?
Инаку, во фиоки веќе неколку години на усвојување чека Законот за висока раководна служба кој треба да постави некои стандарди при именувањето на раководителите, но никако да дојде на ред. Најверојатно ќе ни мафтаат со него пред избори.