„Нема да бидеш сама“, или во оригинална форма „You won’t be alone“, хорор филмот на Горан Столевски влезе во топ селектираните филмови на фестивалот „Санденс“. Манифестацијата почнува на 20 јануари, и ќе трае 10 дена, а филмот, кој е инаку австралиска продукција, премиерно ќе се прикаже во неколку термини од 23 до 28 јануари.
Станува збор за натприроден хорор сместен во изолирано македонско планинско село, а приказната што се одвива во 19 век прикажува девојче кое е украдено од својата мајка и претворено во вештерка.
Шведската актерка Нуми Рапејс инаку позната по филмовите „Девојката со тетоважа на змеј“ и „Прометеј“ ја толкува главната улога во филмот, а во него се појавуваат и македонските актерки Сара Климоска, Ирена Ристиќ и Верица Недеска.
Инаку, ова е дебитантски долгометражен филм на македонскиот режисер кој живее и работи во Австралија и со него Столевски по вторпат влезе во номинациите на престижниот Санденс фестивал.