Нема ли загрижени во пратеничката група на СДСМ?

Неизвесност, загриженост, страв од губење на македонскиот идентитет, бугаризација преку прифаќање на бугарските тези за непостоењето на македонската посебност, за нашите револуционери и најзначајните историски настани… Сето ова е во реакциите и протестите на мнозинството граѓани на Македонија кои се против прифаќањето на францускиот предлог со кој треба да се даде датум за преговори, а по кој Бугарија ќе добие датуми на кои ќе наредува на Скопје што треба да прави.

Загриженоста и револтот се оправдани бидејќи во така составената преговарачка рамка се содржани сите бугарски барања кои, на крајот, може да резултираат со драстични промени во македонскиот идентитет, јазик, историја, образование…

Има ли загриженост во пратеничката група на владеачката СДСМ? Нема ли таму некој пратеник што мисли – стравува слично како мнозинството од граѓаните на Македонија?

Прашањата се наметнуваат и поради фактот дека загриженост има во круговите на владеачката партија така и на нејзините коалициски партнери во Владата. Поранешни високи партиски функционери на СДСМ деновиве почнаа да излегуваат на протести пред Владата што ја раководат СДСМ и ДУИ, но и да упатуваат такви повици преку јавни настапи.

Поранешниот генерален секретар на СДСМ Горан Минчев во своја колумна насловена како „Но пасаран“ недвосмислено ги повика претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски да кажат одлучно „Не“ за овој предлог кој „претставува самоукинување на македонската нација, поништување на македонската историја, откажување од македонскиот јазик, со еден збор велепредавство на македонската држава“. Поранешната поранешната пратеничка на СДСМ Весна Бендевска, пак, се појави на протестите и соопшти дека сака да го изрази „својот протест кон оваа лакрдија која го повредува нејзиното лично граѓанско право на самосвест за национална припадност, посебност, мајчин јазик и историјата на нејзиниот народ“. И поранешниот пратеник на СДСМ Максим Димитриевски укажа дека „На власта ќе и се случи народот“!

Неприфаќања, барања и загриженост дојдоа и од коалициските партнери. Демократски сојуз побара од Владата на Република Македонија да инсистира да се преработи Преговарачката рамка и од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија. ДОМ е против францускиот предлог ако се преговара за историјата и образованието бидејќи е неприфатливо внесување на билатералните прашања во процесот на преговорите со ЕУ. Лидерот на ЛДП Горан Милевски, пак, сооопшти дека ваков франциски предлог тој не може да го прифати…

Стравуваат ли макар и малку пратениците на СДСМ од тоа што во преговарачката рамка се вклучени сите бугарски барања што претставува и прекршување на основните принципи на кои нели почива ЕУ? Или си велат – дајте сега „датумот“ па потоа ќе му ја мислиме?

Претходна вестСДСМ: Мицкоски бара работни групи за Бугарија, кога му нудевме одби
Следна вестТрагедија во Кавадарци: Двајца работници од Скопје загинаа при пад на кран