Иако минималните возрасни ограничувања се вообичаени за објекти каде што се служи алкохол, воведувањето горна старосна граница е ретка појава.
Токму затоа едно кафуле во Токио го привлече вниманието на јавноста откако воведе таканаречена „мека забрана“ за постари гости. На влезот е поставен знак со кој се наведува дека кафулето е наменето за гости на возраст од 29 до 39 години и дека просторот е ориентиран кон генерации помлади од 40 години. Сепак, постојат и исклучоци – лица над оваа возраст можат да влезат доколку во групата има барем еден гостин кој има 39 или помалку години.
Ограничувањето не важи за пријателите и членовите на семејствата на вработените, како ни за деловните партнери на кафулето. Дополнително, бидејќи ваквата мерка не може формално да се спроведува со закон, на лицата над 40 години не им е целосно забранет влезот. Тие можат да побараат да бидат пуштени, при што персоналот проценува дали се во „соодветна состојба“ и дали ќе се чувствуваат пријатно во атмосферата на објектот, без јасно да се прецизира дали тоа се однесува на однесување, облека или нешто друго.
Од кафулето објаснуваат дека мерката е воведена со цел да се задржи амбиент кој одговара на нивната целна публика. Според вработените, најголемиот дел од гостите се млади, а постарите посетители често изразувале незадоволство од бучавата и динамиката, поради што одлучиле да воведат вакво ограничување за сите да бидат задоволни.
Слични практики веќе постојат и во Јужна Кореја. Во Хонгде, универзитетската област во Сеул, многу клубови и пабови имаат неофицијални горни старосни граници, најчесто за лица над 30 години, а во некои случаи дури и над 28 или 25 години. Покрај тоа, дел од спортските центри и кафулиња вовеле таканаречени „зони без постари лица“, со образложение дека одредени возрасни групи не се вклопуваат во концептот и атмосферата на просторот. Најчесто, овие ограничувања се однесуваат на лица постари од 70 години.