Менувам канал при дебатни емисии со чести соговорници чии ставови ги знаеме на памет

Од Душко Арсовски, новинар во Македонската телевизија, до скопјани доаѓа препорака да се гледаат програми кои нудат и ја потикнуваат креативноста. 

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми?

-Во вонредна состојба станува вонреден и изборот на програма што е пожелно да се следи за да не доживееме колективна депресија. Филмската програма е на прво место зашто е мало бегство од реалноста која притиска со секое гледање на информативните емисии. Ако лично ме прашувате, преферирам европска филмска продукција, особено од последната деценија- две. На второ место се странските канали кои емитуваат емисии за уредување на домот. Би препорачал и програми што третираат археологија, туризам и храна.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

Го менувам каналот на секојдневни изнасилени дебатни емисии со соговорници кои толку често се повторуваат што им ги знаеме на памет сите ставови. Истото важи и за програми со телефонски јавувања на гледачи. Ми се чини дека тие одамна ја изгубија смислата зашто ретко ги поттикнуваат институциите брзо да ги решаваат мноштвото проблеми на кои укажуваат гледачите. Ваков тип програми единствено служат како репер дали се менува колективната свест за многу работи. Со оглед на тоа до каде стасавме по 30 години демократија, овие емисии служат само за празнење на негативната енергија. Препорачувам и да не се гледаат партиски прес конференции и изјави.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

Некој ќе се изненади но, ќе речам дека Скопје е и презастапено. Точно е дека нема специјализирани емисии во кои се третираат локални теми. Сепак, преку ставови на градоначалниците, преку редовно изнесување на комунални проблеми, често известување за инфраструктурни проекти, за културни настани, преку снимање анкети на граѓани и така натаму, главниот град и неговите жители се најзастапени споредено со сите други. Она што веројатно недостасува во претераното форсирање на метрополата е малку повеќе историски прилози. Во градот има многу градби, улици, маала со историја која новите генерации малку ја познаваат. Има личности кои оставиле печат во различен период од неговиот развој. Има странци кои се поврзани со Скопје на различни начини, а не сме ги запознале преку телевизиски проекти. Но, недостасува и обработка и на современи теми, иновативни решенија, мода, редовен сервис-информатор за сообраќајот во градот. Недостасува поинаква форма во ТВ известувањето за Скопје коешто, засега, единствено го добиваме преку вестите.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

-Недостасуваат програми во кои ќе се третира екологијата. Меѓу другите, ова ни е најслаба алка во нашето општество и за неа треба да се зборува отворено. Ми пречи што државната политика- Скопје на прво место, се пресликува и во медиумските содржини. Би направил телевизиско шоу во кое ќе видиме како живеат другите градови низ Македонија. Надвор од Скопје има толку многу приказни кои заслужуваат да бидат екранизирани. Има успешни луѓе што мислат со своја глава и се со став за многу прашања, ама ретко добиваат шанса. На програмите недостасуваат и квалитетни емисии кои третираат теми од други држави низ светот. Гледајќи ги нашите национални телевизии, изгледа како светот да се врти само околу нас.

Претходна вестКомисијата за заразни болести ќе разговара за повторно воведување режим со границите на Србија и Косово
Следна вестБранот станува цунами: 15 починати, 173 новозаразени од корона вирусот